Слушам го славите 1-ви Мај, а каде ви се фабриките?!

0
1450

За жал кој и да ја направил фотографијава ја допре вистината, а таа, таа вистината е како шило, боде, боде и ќе излезе како што излегува секојдневно…

11182263_10153257578253834_2727816425823366513_n
Јоже не беше либерал-демократ а уште помалку десничар но од една аграрна држава создаде економски див, го напаѓаат дека бил диктатор но за разлика од денешните балкански политичари чии што возачи имаат милиони а за фамилиите и да не говорам, неговото семејство живее 35 години по неговата смрт нормално со истите социо економски проблеми како и останатите просечни семејства во поранешната сојузна држава…
Тогаш како 10 годишно дете како и сите Вас останатите се сеќавам дека дома имавме горди родители посветени на семејството негувајќи ги човековите вредности на еднаквост и солидарност, горд народ и возвишени нации без разлика кој на која и да припаѓавме а ние децата се радувавме на спортските достигнувања на нашите тимови и екипи… Улиците беа преполни со народ во 6 часот наутро кога се одеше за на работа а градскиот пазар се празнеше во 15 часот кога река народ се враќаше од на работа.
Тогаш фабрики кои што вредат 200 милиони Евра не се распродаваа за по 2 милиони, тогаш во ФЗЦ Куманово се правеа и цевки и профили со композиции но имаше и раководство и синдикат и горд работнички глас, денеска едвај крај со крај се составува но никој не крева глас кога тоа што сте го создавале целиот свој работен век некој ќе ви го украде пред нос како навидум се да е добро. Дали?
За жал далеку сме од добро, единката не е среќна кога е сама, ние сме колективни битија и цело е кога има се.
Политичкиве елити кои го водеа регионов последниве 25 години уште не можат да го распродадат тоа што беше создадено во тој период а да не зборуваме за изградба на нешто ново.
Денеска живееме во градови исполнети со фабрики духови, се што се продаде и распродаде во мојот град сеуште зјае, пропаѓа или пак се реиздава, Житомел Куманово, Диер, 1ви Мај, Тутунски комбинат, Агрокуманово, Текстилпромет, Ангроснабдител, Биброк, Киро Фетак, Кен, Искра, Чик, Полет, ЗИК и многу агро задруги, со нив пропаднаа многу брендови а воедно и исчезнаа работниците. Наеднаш се претворивме во општество на себични и самобендисани луѓе, држава во која што брат со брата незборува поради политика, комшија на комшија добарден не кажува на улица а единствено солидарноста ни остана при изработка на ајвар кога се лупат пиперките кој што во последно време вредните домаќинки во продавница го купуваат. Денеска Турски гаќи и чорапи носиме а Кинески кондури во Пеко купуваме.
Се прашувам што луѓе бев(ме)ТЕ кога ваков колапс се создаде, што нации и вери бевме кога оваа го дозволивме?
Денеска се создаде општество на модерни робови, општество со невидени класни разлики, држава на модерни робови, работникот во Азија го наплаќа својот труд повеќе од нас, за правата и условите и да не говорам, ги имаме на хартија и задолжителен инспекциски (арачлиски) надзор за политички неподобните, синдикатите неми и послушни.
Тогаш имавме милиција и кога некој ќе се степаше во градот сите зборуваа со месеци а денеска имаме полиција која освен на режимот си служи на самата себе бидејќи најголем дел однив имаат дополнителна дејност “приватен бизнис” (час и чест на вистинските професионалци), се пука, граба, гази и краде на секој чекор…
Тогаш неможеше ни исток а ни запад да не дестабилизира а денеска некој си командант со пушка во рака си прави што сака а никој освен фб псевдонимот не му го знае но затоа касарните на ангро се распродадоа, воените магацини и складишта исто така а домовите и репрезентативните објекти од ЈНА се веќе вклопени во идните урбанистички решенија на градежната мафија…
Оваа е само еден дел од НАШЕТО секојдневие но ние денеска го преживуваме оваа, нашите деца исто така, но имаме обврска кон нашите внуци да го промениме оваа.
Дали можеме? ДА
Ние можеме кога сакаме, единствено треба да се свестиме до каде стасавме со нашата пасивност, да кажеме ДОСТА БЕШЕ и да се одважиме, да ја оставиме политичката, етничката, верската и социоекономската припадност по страна и да му ставиме крај на режимот и на сите идни кои што нема да работат по националниот концепт за реален развој.
Богат народ, стабилна држава, среќно семејство, просперитетна иднина…
Среќен 1ви Мај почитувани граѓани…
Ти благодарам Маршале…

Максим Димитриевски – член на извршен одбор на СДСМ