Скандал: Вработени во прилепскиот Дом за стари лица физички нападнати и малтретирани на работното место

0
321

Пишува: Зоран Милошески

Нов скандал го тресе Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ од Прилеп. Откако минатата недела четворица вработени во Домот поднесоа кривична пријава против директорката Ирена Стерјовска Локвенец за кривичното дело „Малтретирање во вршење на службата“, вчера на своето работно место физички беше нападната Љубица Мирческа, една од подносителите на пријавата. Нападот го извршил Јане Милошески, вработен во Домот, за кого Мирческа не може со сигурност да каже на кое работно место е вработен: дали е шофер на директорката, стражар или обезбедување.

„Доаѓајќи на работа, само што се најавив и ја отчукав картичката, без никаков повод ме нападна Јане Милошески, кој е исто така вработен во Домот. Бараше да му ја дадам картичката која мојата колешка Цвета Колеска претходниот ден ја изгубила спремајќи се да си оди дома. Почна да вика, ми ја фати раката во која го држев несесерот каде ја чувам картичката, силно ја стегна и ја свитка носејќи ја зад грбот. Почнав да викам и да барам да ме пушти. Цело време му објаснував оти ја отчукав само мојата картичка, што може да се види од снимките на камерите. Откако после некое време ме ослободи, дојде и директорката Ирена Стерјовска Локвенец и бараа од мене и од колешката Колеска да потпишеме некаква изјава. Ни рекоа дека повикале полиција, после што нѐ внесоа во една просторија која се наоѓа веднаш до портирницата и таму нѐ заклучија“, видно вознемирена раскажува Мирческа.

Мирческа и Колеска, која е исто така подносител на кривичната пријава против директорката Стерјовска Локвенец, од просторијата во која биле затворени телефонски го известиле нивниот полномошник адвокатот Жарко Стеваноски и му објасниле што се случува.

„Непосредно пред неговото доаѓање, откако директорката слушна дека го повикавме адвокатот, нѐ пуштија да излеземе од собата. И двете бевме многу вознемирени и исплашени од тоа што се случи. 6 години сум вработена во Домот, но вакво нешто никогаш не сум доживеала ниту јас, ниту пак било кој друг од колегите. Работите тргнаа на лошо откако за директорка ја поставија Ирена Стерјовска Локвенец. И јас сум исто како и таа членка на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа секогаш кога ќе побаравме прием кај неа за да ѝ кажеме за проблемите со кои се соочуваме на работните места, директорката не сакаше да нѐ прими. Нѐ навредуваше, ни се обраќаше со погрдни зборови, велеше дека сме смрделе, а откако ја поднесовме тужбата, преку претседателот на Месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од населбата „Рид“ бараше да се видиме во 4 очи. И јас, исто како и другите колеги со кои ја поднесовме кривичната пријава, ќе ја тераме работата до крај, сѐ додека не дојдеме до правдата“, вели Љубица Мирческа.

Полномошникот на Мирческа и Колеска, адвокатот Жарко Стеваноски, вели дека вчерашниот настан го пријавил во полиција, која веднаш дошла на лице место. Откако им биле земени основните податоци, вработените кои го пријавиле настанот отишле во службата за Итна медицинска помош, од каде им бил даден упат за одделенијата за ортопедија и психијатрија во прилепската болница „Борка Талески“.

„После обезбедената медицинска белешка од Итната медицинска помош, вработените добија упат за ортопедија и психијатрија каде им беа констатирани повредите и им беше препишана соодветна терапија. Оттаму заминавме во прилепската Полициска станица од општа надлежност, каде Мирческа и Колеска дадоа исказ за случувањата во ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“. Заради сето ова, против лицето кое ја нападна Мирческа, но и против директорката, ќе биде поднесена соодветна пријава поткрепена со медицинска документација. За настанот ќе биде известено и Основното јавно обвинителство Прилеп, каде се води постапката против Стерјовска Локвенец“, изјави за Публикум адвокатот Стеваноски..

Со кривичната пријава која минатата недела четворицата вработени во ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ од Прилеп ја поднесоа против директорката Ирена Стерјовска Локвенец за кривичното дело „Малтретирање во вршење на службата“, подносителите на пријавата нја обвинуваат директорката дека во периодот 2016-2017 година од политички побуди ги застрашувала и навредувала вработените и кон нив постапувала на начин со кој се понижува човечкото достоинство и човековата личност. Притоа, преку казнувања и распоредувања на работни задачи кои не се предвидени со актот за систематизација, врз нив применувала различни форми на психолошки притисок, а ги игнорирала и препораките за прераспоредување на други работни места согласно нивната здравствена и работна способност.

Правниот застапник на тужителите, адвокатот Жарко Стеваноски, вели дека кривичната пријава била логичен исход на вршениот притисок од страна на директорката на јавната установа, и тоа како во поглед на закани и уцени, така и во поглед на здравствената состојба на вработените која произлегла како последица на психичките трауми.

Извор : Публикум

СПОДЕЛИ