Сертификатите како скривница на Груевски од „Пуч“

0
397

Немањето безбедносни сертификати, молкот на ОЈО за снимките од кабинетот на Груевски објавени на Јутјуб и држењето на сведокот подалеку од судот во изборната кампања, создаваат сомнеж за бројни игри околу предметот „Пуч“Се прават сите напори рочиштето за „Пуч“ да не се одржи до изборите на 11-ти декември, односно по секоја цена да се избегне можноста сведокот Никола Груевски да се појави во судот за време на изборната кампања, тврдат за ДВ судски извори упатени во случајот. Последното рочиште за „Пуч“ беше закажано за 1 ноември, но поради тоа што две судијки – поротници немале безбедносни сертификати, (оние што имале веќе не се во советот) па судијката Љубинка Башеска го одложи рочиштето „на неопределено време“, што од правни експерти беше оценето како преседан, пишува Дојче веле.

„Немањето безбедносни сертификати е ‘алиби’ со кое рочиштата може да се одлагаат до бескрај. Денеска ќе нема сертификат некој судија поротник, утре некој од записничарите, и така во недоглед“, велат судски извори, потенцирајќи дека тоа прашање еднаш мора се затвори, за да се создадат услови за продолжување на процесот. Тие посочуваат дека и самата хронологија на процесот, покажува дека Кривичниот суд закажувал рочишта секој месец со стандарден состав на судиите – поротници и записничари. Но, состојбата се сменила откако лани во декември предметот го презема Специјалното јавно обвинителство, кога „тимовите“ во советот почнуваат да се менуваат за потребите на играта со сертификатите, односно за одложување на рочиштата.

Ни Јанева не знае

„Дали имаат безбедносни сертификати судиите Љубинка Башеска и Ивица Стефановски, записничарите, дактилографката“, беше прашањето што Дојче веле го постави до Основниот суд Скопје 1, по последното одложување на процесот.

„Надлежна за издавање и евиденција на имателите на посочените сертификати е Дирекцијата за безбедност и класифицирани податоци. Судот, согласно со одредбите од Законот, не води ваква евиденција и секој корисник на класифицирани информации со одреден степен на доверливост е должен да ги преземе законски предвидените мерки за пристап до таквите информации“, гласи одговорот што го добивме од Основниот суд Скопје 1.

Но, медиумите не се единствените за кои овој податок останува тајна. Уште на рочиштето од 2 март годинава обвинителката Катица Јанева најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд бидејќи Судот не им ги доставува копиите од списите и електронските докази што ги бара СЈО, со образложение дека станувало збор за класифицирани информации. Јанева тогаш наведе дека е потребно безбедносни сертификати да им бидат издадени на судиите од советот, на адвокатите и на сите инволвирани во процесот. Таа не доби одговор дали и претседателката на Советот, судијката Љубинка Башеска има безбедносен сертификат. Девет месеци подоцна тој податок и натаму е недостапен. И на рочиштето во ноември, Јанева побара сите да ги покажат безбедносните сертификати пред јавноста, но наместо одговор, од судијката Башеска доби опомена дека го нарушува редот во судницата.

Обвинителот сам да го повика сведокот

Според извори од Судот, зад оваа игра се крие главната цел – да се пролонгира повикувањето на сведокот, Никола Груевски, иако членот 348, став 1 од Законот за кривична постапка предвидува „на главната расправа да се повикаат и сведоците, вештаците и техничките советници кои се предложени од тужителот во обвинителниот акт.“ Според тоа, сведокот и досега требаше да биде повикан на главната расправа, но тоа не се случи. Од СЈО повеќепати реагираа на отсуството на Груевски, а од судот изјавуваа дека „не е повикан затоа што на првото рочиште обвинителството и одбраната треба да дадат воведни зборови, сведоците и доказите се потоа“.

Такво „толкување“ на законските одредби доби и ДВ на прашањето зошто не се почитува членот 348, став 1 од ЗКП. Од Кривичниот суд велат дека присутниот Јавен обвинител и обвинетите лица во судница на рочиштето за главната расправа на 01.11.2016 година, „барале од судот спротивно на законот да отстапува од законски утврдениот тек на расправата, што било предвидено и во новиот, и во стариот ЗКП“.

„Повикување на лица при изведување на доказите како дел од текот на главната расправа доаѓа во подоцнежна фаза, кога согласно со одредбите од член 384 од ЗКП, се повикува сведокот и истиот се испитува од странката која го предложила. Скоро никогаш почетокот на главната расправа и воведните зборови не е на исто рочиште со доказите“, се вели во одговорот од Кривичниот суд.

Во него се додава и дека „наведениот сведок за кој обвинителот инсистира да биде повикан е предложен токму од негова страна, немало пречки обвинителот самиот да го повика или доведе во судница, бидејќи се работи за сведок на обвинението“.

Основното обвинителство молчи

Но, ова не е единствената пречка надвисната над предметот „Пуч“, кој треба да даде одговори за случајот со незаконското следење на комуникациите, целите, извршителите и нарачателите. Од Основното јавно обвинителство ни по 13 дена нема одговор на прашањата што ДВ ги испрати до оваа институција на 4-ти ноември. Првото гласи: „До каде е истрагата во однос на видео снимките од разговорот меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев со поранешниот премиер Никола Груевски во неговиот кабинет, кои беа објавени на Јутјуб, а биле предмет на Посебни истражни мерки (ПИМ)?”

Изминуваат речиси две години, откако лани на 31 јануари, МВР го објави случајот „Пуч“ и поднесе кривична пријава против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за незаконско прислушување и за насилство врз претставници на највисоките државни органи, а тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференција вети дека ќе одговори на сите прашања во судската постапка.

„Ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност и ве повикувам да го следите случајот и да ги гледате доказите, да ги препознаете шпекулациите. Од денес ќе слушате секакви шпекулации, но вистината за сè ќе излезе на виделина“, изјави тогаш Груевски. Истото Груевски го повтори и на 25 февруари лани, откако лидерот на СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ во јавноста. Во меѓувреме снимките од ПИМ спроведени во неговиот кабинет беа објавени на Јутјуб, а тој неколку пати раскажуваше детали од разговорот со лидерот на СДСМ, објаснувајќи што од она што му го кажал Заев било „точно, делумно точно, а што неточно“. ОЈО не одговори ниту на нашето второ прашање – дали има покренато постапка против Никола Груевски, со оглед дека тој на јавни настапи (прес-конференции и партиски собири) прераскажуваше дел од разговорите кои биле предмет на ПИМ, а Кривичниот законик предвидува „податоци што се однесуваат или произлегуваат од примената на ПИМ да се чуваат како службена тајна“ (член 360)? Поради јавно откривање податоци прибавени со ПИМ, односно овозможување тие да се појават на Јутјуб, кривична пријава поднесе и СДСМ против Никола Груевски, НН лица вработени во ОЈО за организиран криминал и корупција, НН лица вработени во МВР и НН лица вработени во Основиот суд Скопје 1. ОЈО не одговори ни на нашето трето прашање: До каде е постапаката по оваа пријава?

По толку неодговорени прашања од надлежните институции, најавената транспарентна постапка, како и ветувањето на Груевски за негово присуство во постапката и одговори на сите прашања, не е на повидок ни по две години. Не е за утеха коментарот на правосудни експерти, дека „молкот во некои случаи кажува многу повеќе од зборот“.