Сензација во Прага – Славија во трилер подобра од Севилја, Динамо не успеа против Бенфика

0
1082

Славија Прага го направи најголемото изненадување во осминафиналето на Лига Европа, откако со 4:3 во драматични продолженија ги елиминираа петкратните шампиони од ЛЕ, Севилја. Динамо Загреб пак, беше блиску до подвиг против големата Бенфика, но потклекна во продолженијата и загуби со 3:0.

Славија и Севилја одиграа драматичен меч и во Шпанија, кој заврши 2:2, а по 90 минути игра во Прага резултатот беше идентичен и мечот отиде во продолженија.

Кога Франко Васкез во 98. минута постигна гол, се чинеше дека Севилја ја заврши работата, бидејќи на домаќините им беа потребни два гола за да одат понатаму (Севилја имаше три постигнати голови на гости, а Славија само два). Сепак, прво Мик ван Бурен израмни во 102. минута, пред Ибрахим Траоре во 119. минута да им донесе триумф на Чесите.