СЕКУЛОВСКА: СДСМ ЌЕ БИДЕ БРУТАЛНО КАЗНЕТА ОД НАРОДОТ АКО ДОЗВОЛИ ВМРО ДПМНЕ ДА ГО УБИЕ СЈО И ДА ГИ УКИНЕ ИЛИ ЗАБОШОТИ СИТЕ ИСТРАГИ!

0
1203

Крајот на СЈО е најдоброто сценарио за опстанок на ВМРО- затоа што, негово заминувањево историјата, неговата посакувана смрт е -гаранција и упатство за политичко преживување.

Нивната желба, нивниот сон е сите ние, нашите идеали и нашата надеж, заедно со досиејата за високата корупција и злупотребите, да бидеме згужвани и потпикнати во нечии фиоки, скриени длабоко во дуплите дна, онаму каде што никој нема да може да нè  најде.

Ќе не заклучат за почеток, за да помине време кога веќе никој нема да се сеќава на нас, на Шарената, на кутрите наши очекувања и жед за правда.

Ќе изгледаме низ годините како изгубени, страдалнички души кои служат за потсмев со нивните дамнешни талкања низ улиците низ годините, со маиците на кои беа силуетите на трите жени- обвинителки, ќе се сеќаваат на нас како смешни, наивни до аматеризам, и нема да бидат далеку од вистината, воопшто не.

Потоа, кога ќе дојде измаглицата на тие горки сеќавања за нашата борба, кога нема да може никој ни да се присети, ниту да му прелета мисла, ниту сенка на некакви дамнешни ветувања и надежи, сите ние безгрижно ќе бидеме фрлени во депониите на историјата, затоа што само така може конечно да биде уништен еден сон за поинакви страници на една земја.

Потпишување на Пржинскиот договор беше пуста, залудна, јалова желба за добивање на таа правда- потписот на Груевски секако дека беше исмевање и одлично смислено сценарио за идните, нови и груби игри, во кои само заложници и жртви можеме да бидеме само ние.

Согласувањето на ВМРО за воспоставување на СЈО секако дека беше изнудено, но со план да следат  години на маестралното изигрување и изживување со правдата. Човекот, луѓето, целиот врв на ВМРО, сите тие кои потпишаа доброволно дека сами ќе ги исковаат клучевите за да завршат зад затворски решетки- секако дека подоцна ќе сторат се за да уништат и најмала можност тоа и да се реализира.

Затоа, барањето гласови за поддршка на СЈО од ВМРО изгледа навистина како една апсурдна драма на Јонеско- повторувањето на сцени со исти дијалози, реплики и ситуации кои во бескрај значат очајнички барање начин за губење време, сè додека не стане блуткава таа слика за иднината, сè  додека и ние заборавиме дека сме ја посакувале.

Тоа и го очекува Груевски, како и неговите другари и браќа во истрагите, скоро целата пратеничка група на ВМРО.  Тоа и не смее да го дозволиме, особено сега, кога случајот Рекет стана точката од која нема враќање- ако тука запре СДСМ, сметката само ним ќе им биде испорачана.

Биљана Секуловска, колумна НОВА ТВ