СДСМ: Спиро и Грујо, ќе им објасните ли на родителите како да го преживеат септември со огромните трошоци за почеток на учебната година?

0
371

Залудно ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и министерот-лажго Спиро Ристовски се фалат дека вовеле „концепт на бесплатно образование“, кога трошоците за почеток на учебната година за еден ученик изнесуваат колку една минимална плата од 9.000 денари!

За да ја започнат учебната година, родителите се изложени на огромни трошоци. Плаќаат за тетратки, ранци, осигурување, ужинка, за комплети за техничко образование и дневен престој, се вели во соопштението од СДСМ.

„Во многу училишта од родителите се бара да платат за униформи, за обезбедување, но и за бели листови за копирање, за тоалетна хартија и сапун. Се’ е тоа огромен товар на семејниот буџет. Што е со оние семејства кои имаат двајца или тројца ученици? Како да се преживее септември со тројца ученици во семејството? Трошоците за почеток на училишната година за тројца ученици ја надминуваат просечната плата во Македонија која е помала од синдикалната минимална кошница.

Спиро и Грујо, ќе им објасните ли на родителите како да го преживеат септември со огромните трошоци за почеток на учебната година? Како родителите да издвојат пари за сите трошоци, кога повеќе од половина од вработените се со плата пониска од 12.000 денари? Со кои пари да ги подготват учениците 34.8% од родителите кои земаат под 10.000 денари плата?

Идната влада на СДСМ ќе го олесни товарот на родителите идниот септември. Ќе ја зголемиме минималната плата на 12.000 денари во 2017 година. Преку нова политика за стипендирање, ќе ги поттикнуваме талентираните но и децата од сиромашни семејства.
За да ја намалиме детската сиромаштија, ќе воведеме програма за индивидуална поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и семејства со ниски примања“, се вели во соопштението.