СДСМ: Кога ќе дојдеме на власт, ќе ја вратиме контролата врз УБК и МВР

0
157

„Она што се наши барања, како опозиција, ќе бидат наши решенија како власт“, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на прашање на „Мета“ за тоа како планираат да бидат поинакви и што ќе промени сегашната опозиција во делот на контролата на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) кога ќе дојде на власт.

zaev-pred-obivnitelstvo

Вчера, лидерот на опозицијата, Зоран Заев, објави снимки во кои министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков, и собранискиот спикер, Трајко Вељаноски, коваат стратегија и договараат решенија за Законот за следење на комуникации, донесен во 2012 година, со кои би ја ограничиле контролата и би ѝ ги врзале рацете на собраниската комисија надлежна за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење комуникации.

– По сето ова што беше изнесено, се сомневам дека секоја наредна власт што ќе дојде ќе се обиде да ги злоупотребува системите за следење. Мора да се подготват законски решенија и она што СДСМ го зборува сега како опозиција, ќе биде нејзин начин на дејствување и кога ќе дојде на власт. Меѓу другото, и Собранието да влезе во УБК и да ја врши потребната контрола. Многу работи има за рачистување на внатрешен план во Управата за безбедност и контраразузнавање, која сега никој не ја контролира – изјави Шилегов за „Мета“.

Контролата над работата на тајните служби подолг период е тема во јавноста, меѓу политичарите и кај стручната бранша, a начинот на работа на УБК честопати се вели дека функционира по принципот „држава во држава“.

Според универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, од донесувањето на новиот Устав, „кај нас се води една „тивка“ и никогаш неразвиена расправа за реформата на службите за безбедност, на начин кој би соодветствувал на современите демократски принципи на владеењето на правото и на правната држава.“

– Насоченоста на вниманието кон Управата за безбедност и контраразузнавање ја детерминира потребата од негова реформа, за да ја направи работата на овој контраразузнавачки сервис поефикасна и компатибилна на интересите на безбедноста на државата, сервис кој ќе биде крајно професионален и наместо на тесни политички елити, ќе им служи на однапред дефинираните интереси на заедницата, утврдени од Собранието. Начинот на кој досега се одвиваше расправата  ̶  затворена и нетранспарентна  ̶  не го гарантира ваквиот демократски пристап – смета Калајџиев.