САШО ОРДАНОВСКИ ЈА ПОВИКУВА ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА НА БУНТ ПРОТИВ ЗАЕВ, АМА ВО КОЛУМНАТА СИ ДАВА АВТОГОЛ!

0
2881

Сашо Ордановски со нова колумна во ЦИВИЛ МЕДИА:

Еве го мојот предизвик до Новата Македонска Пост-Груевистичка Демократија: пратениците од власта во Македонското собрание да отворат темелна дебата за предложениот нов републички јавен обвинител и истиот – ДА НЕ ГО ИЗГЛАСААТ.

Ако добро го фаќам јавниот сентимент по социјалните мрежи и по скопските кафеански шеми (во што спаѓаат и неколкуте дебатни емисии што ги одгледав), мислам дека мнозинството смета дека е врвен јавен интерес на таа функција да не биде поставен довчерашниот молчелив, кооперативен, „без никаква дамка во кариерата“, доверлив заменик на г. Марко Зврлевски. Предложениот Љубомир Јовески, скоро пензионер (тоа, пак, дополнително не го разбирам?!), целата кариера неколку децении трпеливо ја гради во гнилиот македонски правосуден систем – нели околу тоа, гнилоста, сите се согласуваме, со Прибе на чело? – а во последните 13 години (од кои 11 години на власт е режимот што ги прегази сите законски и половината уставни норми на кои можам да се сетам) е член на нашето едно и единствено, тотално дискредитирано Јавно обвинителство.

Затоа ми се чини дека сега е вистинскиот момент Македонското собрание да си ја врати својата клучна улога во креирањето политики во македонскиот демократски систем, а тоа е, имено, да креира политики, и да се оттргне од функцијата да биде „гласачка машинерија“ на секоја власт, од турско и српско, до Грујово и Заево. Ајде, барем вие, пријатели од Шарената Револуција, покажете со каков демократски капацитет располагате!

Веднаш да го надополнам мојот клучен аргумент за ова: помеѓу, како што велат, неспорното искуство и професионалните обвинителски познавања на кандидатот, од една страна, и неговиот карактер како доверлив соработник на г. Зврлевски, од друга, не смее да има дилеми – карактерот е супериорниот критериум за избор на нов републички јавен обвинител! Ете, прашајте го г. Јовески во собраниската дебата со кои одлуки на г. Зврлевски не се согласил или им се спротивставил?

Уверен сум дека на Македонија ѝ требаат луѓе со ИНТЕГРИТЕТ, а не луѓе со знаење за КОНТИНУИТЕТ. Прилично континуитет ни се натрупа по падот на Груевски од власт.

Дополнително, додека сме веќе на темата, би сакал да направам и една друга проверка: дали на седницата на Владата кога е утврдуван овој предлог, се нашол некој да дебатира и да се спротивстави на решениево, или е г. Заев окружен само со еветџии-ефендии кои аминуваат сѐ што ќе дојде како резултат на затворените политички кадровски кујни на новата власт? Што мисли, на пример, министерката за одбрана или министерот за надворешни работи за овој предлог, или секој само си ја чува својата гардероба и своите паричници кога ќе се изгаси светлото?

Плус, дали советниците на премиерот ова кадровско решение, пред да биде официјално предложено, го провериле со ставовите во пратеничките групи кои ја репрезентираат Владата во Собранието или и пратениците од медиумите ги дознаваат решенијата за кои ќе им се наложи да гласаат?

Од друга страна, што е право, и Катица Јанева своевремено беше мал шок од кадровски предлог, со сите контроверзи што се отворија… Па тоа решение, помалку или повеќе, се покажа како полн погодок. Само што зад изборот на Катица застанаа сите во Собранието, оти таков беше „големиот политички договор“, оверен од странците.

Сега, пак, имаме демократско Собрание! Ајде да видиме вистинска, одговорна дебата во него. Оти, ние тие пратеници сме ги бирале, а не министрите – таму, во Собранието лежи демократскиот легитимитет што сме го дале кога гласавме на избори. 

(Извор ЦИВИЛ МЕДИА)