Речиси 98 отсто од Гевгеличани гласаа против отворање рудници, славењето по улици почна уште вчера

0
151

Иницијативата беше преземена од невладината „Спас за Гевгелија“ и вроди со плод. Од вкупно 19.459 жители на градот, гласале 13.384 граѓани со право на глас. Општинската изборна комисија информира дека „за“ гласале само 184 граѓани, додека останатите 13.097 биле против оваа идеја, имало и 184 неважечки ливчиња. Процентуално, само 1,1 од 100 проценти биле за спроведување на оваа идеја, додека, 1% биле неважечки, а останатите 97,9% биле негативно настроени кон идејата.

Kлучните забелешки на набљудувачите на „ЦИВИЛ“ – Центар за слобода, за текот на Референдумот во Гевгелија до 19 часот се повеќе од технички карактер.

„Најсериозните забелешки одат на адреса на надлежните институции, поточно Општинската изборна комисија. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ документира повеќе случаи на потполна неинформираност на гласачите, а во целост, може да се забележи недоволно ангажирање на ОИК за навремено и квалитетно информирање на локалната јавност за Референдумот. Се бележат и помали пропусти во работата на Избирачките одбори, УВ ламбата не работеше во две избирачки места, како и три случаи на групно гласање. Се бележат и проблеми со Избирачкиот список, односно повреда на гласачкото право. Дел од гласачите не можеа да се најдат на Избирачкиот список.“-велат од ЦИВИЛ.

Од општинската изборна комисија наведоа дека во тек е 24-часовниот рок за жалби. Синоќа низ улиците на Гевгелија се славеше за успешноста на референдумот, кој е втор од локален карактер во Македонија.