Ременски: Реформите ќе придонесат за подобра инклузија на лицата со попреченост

0
255

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски се обрати на одбележувањето на 3 декември, Меѓународниот ден на лица со инвалидност пред присутните на Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

– Правото на работа е едно од фундаменталните права кое произлегува од универзалната декларација на човековите права. Повеќето луѓе кои живеат во сиромаштија сакаат да работат. Обезбедувањето на пристојна работа на овие лица ќе им овозможи излез од кругот на сиромаштијата–ќе им обезбеди стабилен приход, вклучување во општествените текови и ќе им создаде можност да стекнат пријателства и да обезбедат социјална интеракција. Правото на работа ќе им обезбеди на овие лица да бидат третирани како луѓе, лица со свои права, вредности, потенцијали и способности, а не само како бројка или инструмент на економијата – рече Ташевска-Ременски.

Таа додаде дека кога станува збор за вработување на социјално исклучени лица, Република Македонија е потписник на најважните меѓународни документи-Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите нации и Европската социјална повелба.

Министерката говореше и за идните заложби и насоки на делување на Министерството за труд и социјална политика.

Имено, и во иднина, според зборовите на министерката за труд и социјална политика нема да изостанува поддршка на процесот на плурализација и децентрализација на социјалната заштита.

Сите овие реформски чекори, рече министерката за труд и социјална политика, ќе придонесат до подобра инклузија на лицата со попреченост во општеството и до овозможување на остварување на човековите права за работа, слободно движење и право на слободен избор.

“Системот ќе понуди поголем избор на услуги, прилагодени на потребите на лицата со попреченост, со што и ќе се подигнат потенцијалите за работа, а со тоа и можноста за вработување”, заклучи Ташевска-Ременски.

На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност се обратија и ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”-Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, како и деканот на Филозофски факултет проф. д-р Горан Ајдински.