Ременски: Обнова на правата од социјална и детска заштита

0
129

Обновата на правата од социјална и детска заштита која согласно Законот се врши еднаш годишно, наместо во ноември  како што е вообичаено, ќе се спроведе од 19 декември до 27 јануари 2017, соопшти денеска министерот за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.

Причина за одложувањето на обновата, како што нагласи Ременски, се подготвителните активности за претстојните парламентарни избори, период во кој, според неа, најчесто се прават злоупотреби и манипулации со лицата во социјален ризик.

– Најголемиот број на злоупотреби и манипулации со лицата во социјален ризик и корисниците на социјална помош се прават токму пред и за време на изборниот период. Оценивме дека за заштита на граѓаните од секаков вид лажни ветувања, заплашувања, уцени и партиски агитации, најдобро е обновата на правата да се изврши по завршување на изборите, нагласи Ременски.

Таа информира и дека е отворен телефонскиот број 15-133 на кој може да се пријават коруптивни однесувања, притисоци, закани и несоодветни постапувања на службени лица од центрите за социјални работи.

– Спротивно на правилата за постапување во овој период и казниво со закон е ако некое службено лице од центрите за социјални работи дојде во вашиот дом за наводна обнова на правата од социјална или детска заштита, а ви ветува еднократна паришна помош или други права кои не се по ваше барање, им порача министерката на лицата во социјален ризик.

Од 27 октомври годинава до денес, Министерството доставило 15 писмени опомени и повеќе усмени укажувања до свои службени лица кои не се однесувале согласно дефинираните правила кои претходно им биле доставени. – Евидентирани се партиски активности во работно време, злоупотреба на боледувања, ветувања за еднократна парична помош, користење лични податоци на корисници на социјална помош за партиски цели,… За сите овие службени лица веќе се преземаат соодветни мерки, рече Ременски.