Работа врз меморијата

0
405

Златко Теодосиевски , Историчар на уметноста и кустос

или

Феноменот на коњот и лавот во современата македонска монументална „уметност“ (6)

Морам да кажам дека понекогаш им завидувам на ова бандитиве како се организирани и како сѐ следат, слушаат, читаат… и веднаш ги активираат загарите во служба на нивната „вистина“. Не им завидувам на загарите, секако, зашто лаат за сува коска, но не можам да не им признаам дека таква верност нема ни кај кучињата.

Ене го читам оној во „Утрински весник“, кој себеси сака да се гледа како „публицист и режисер“ – што ли публикувал и што ли режирал само господ знае – како вели дека спомениците во самонаречениот проект Скопје 2014 се „… вид бедем, одбрана, зацврстување и градење на идентитетот на нацијата“[1] (sic!). А пак на историски план да ти биле „државотворна супстанца“! Или непрежалениот ни, ама секогаш бајковит, Станковски алиас Сарајлија, сега во улога на Пелазг, кој има нова теза: дека во некогашна СФРЈ било забрането да се истражува антиката! И ја разглаба во емисија за економија и бизнис!? (А Циги Павловска одамна барала такви соговорници! Браво!).

Мислам, како можат, како им успева? И како воопшто влегуваат во такви медиуми, во такви емисии, секогаш имаат страница во весник …? Каква организација. Опозицијата ова никогаш не може да го постигне!

А можеби од Пелазгите им се коњиве, па и лавовиве?

*

Во секој случај, ваквиот развој на настаните во споменичкото одбележување односно во национално билданата (ре)валоризација на одделни периоди, настани и личности од македонската историја, како да трпеливо го чекаше своето време. Ако тој процес не се беше случил веднаш по драматичните настани што ја зафатија Источна Европа по паѓањето на Берлинскиот ѕид, ако таквите случувања беа донекаде кај нас амортизирани со првиот период на социјалдемократската идејна матрица по 1991-та година, тоа не значи дека нештата не „висеа“ во воздухот. И не се насетуваа. Впрочем, повторното „читање“ на историјата беше една од првите задачи на нововостановените демократии, на пример, во Балтичките држави. И тоа се случи. Но не треба да се заборави дека овие држави повторно се пронаоѓаа себеси после повеќедецениска окупација прво од Германија, а потоа од СССР. И во тој контекст и спомениците се појавија како битен аспект во расветлувањето на односите помеѓу различните „пластови и рамништа“ (E. Jelin) на меморијата. Но таму, на пример во Естонија, но и во другите Балтички држави, овие прашања (т.н. „војна на спомениците“) се расчистуваа помеѓу локалното население и руското малцинство во тие земји.

Сепак, Македонија немаше таква судбина, барем не од 1945-та година наваму. А впрочем, тоа повторено препрочитување на историјата (и) низ споменичкото одбележување никаде (барем не во Европа) не се случи со вакви размери и не со ваква неукост и шарлатанство!

Можеби Македонија меѓу последните започна отворено, и на ваков начин, да го поставува прашањето „кои сме и каде одиме?“. Нема дилеми дека историската меморија е една од суштествените компоненти на конструкцијата на колективниот идентитет и дека овој процес неминовно води и кон „ново читање“ на минатото, но тоа се постигнува на други начини и преку други средства, особено низ научни дебати за минатото и – иднината. Ваквата „работа врз меморијата“ не е ниту лесна ниту едноставна, таа е „вградена во комплексните релации што решаваат за тоа што навистина е запаметено (или заборавено) и од кого, и зошто“ (Gillis)[2].

А сепак, во македонската ситуација е дури неприменливо и мислењето дека наследството е „… временски специфично па оттука неговото значење може да биде менувано како што и текстовите се пре-прочитувани во променливи времиња, услови и конструкции на места и опфати. Консеквентно, неизбежно е дека таквите знаења се исто така поле на несогласување“ (B. Graham). Неприменливо зашто кај нас не станува збор за нови читања, за пре-прочитувања, за нови толкувања … на не така далечната историја. Кај нас станува збор за целосно демонтирање на сите претходни историски (наши и странски) толкувања и креирање на една хиперреалност (на пример антиквизацијата на македонскиот народ, или Пелазгите на Ацо Станковски дури до Крит!) која што државата ја октроира како единствена вистина! Во извесна смисла ваквите постапки го користат минатото за да говорат на јазикот на сегашноста, но заради политички односно попрво заради националистички причини. Поточно, измислените, накитените наративи од минатото постануваат силна политичка алатка во националистичките политики на државата, со акцент и на проширување вон државните граници односно во дијаспората! Се разбира, сето ова можело да се направи и поинаку, за што впрочем постојат и примери, особено во веќе спомнатите три Балтички држави. Но, тоа сепак е друга тема!

Како и да е, јавните споменици од овој тип даваат релевантен материјал за истражувања на т.н. „работа врз меморијата“. Тие апсолутно се вклопуваат во оној „грижливо кореографиран збир“ (S. Burch ; D. Smith)[3] на споменици, со сите „знаци“ што нескриено упатуваат дека станува збор за „борци за слобода“. Особено присуството на коњот како посебно да ја апсотрофира нивната големина и значење за нас, за државата. Иако, зачудо, речиси ниту еден споменик нема дополнителни текстуални означувања за важноста и големината на придонесот на посочените поединци, нема поетски вдахновени (често и римувани) зборови за нивното јунаштво, несебичност, патриотизам …, инаку вообичаени за споменици од овој вид. Тоа дополнително говори дека на целиот „проект“ се пристапило прилично аматерски, недоволно јасно и подготвено, да не речам неуко и непрофесионално. Едновремено, веројатно било доста комплицирано да се утврди приоритетот на важноста на претставените (на коњ) личности односно каде / кому да му се додели и тоа повисоко значење изразено и низ евентуален поетско патриотски говор!

Еклатантен пример за сите претходни наводи е споменикот наречен „Воин на коњ“, иако целата јавност, и домашна и странска, е апсолутно свесна дека станува збор за претстава на Александар Велики односно Македонски, на неговиот коњ Букефал. Иако самата појава на ваков предимензиониран споменик на скопскиот плоштад е проблематична (заради многу аспекти) сама по себе – историски, културолошки, уметнички, социолошки итн., а кои што би биле предмет на некаква друга анализа – ова сигурно е првиот македонски споменик на оваа личност, а најверојатно и првиот коњанички споменик во историјата на овој народ[4]!

Се разбира, и за овој, како и за другите коњанички или други споменици низ центарот на Скопје поставени последниве години, може (и секако треба!) да се апострофираат сите проблематични – а ги има многу – аспекти на нивното подигање. Од законски, преку процедурални, до историски, социолошки итн. Но, за тоа е потребна книга, а впрочем овие нешта не се (во моментов) цел на овој текст. Овојпат во фокусот се првенствено мотивите, аспирациите и уметничките (ако ги има) аспекти во коњаничката споменичка скулптура кај нас, изнедрена последниве години исклучиво како резултат на една државна политика. Велам исклучиво како резултат на една државна политика зашто веќе е извесно дека ваквиот тип споменици не се происход на автентичната творечка мисла на македонскиот уметник туку диктат на една во суштина лажна, измислена и патетички интонирана историја и националистичка политика!

[1] Аљоша Симјановски, Сончевиот крстопат Македонија, Утрински весник, 19 септември 2016

[2] Gillis, J. Gillis, J. (ed) (1994) Introduction. Memory and Identity: The History of a

Relationship. Commemorations: The Politics of National Identity Princeton University Press ,

Princeton, NJ — 1994

[3] Stuart Burch ; David J. Smith, Empty Spaces and the Value of Symbols: Estonia’s “War of Monuments” from Another Angle, (This article is the first published output from British Academy small research grant ref. SG-39197, entitled ‘Public Monuments, Commemoration and the Renegotiation of Collective Identities: Estonia, Sweden and the “Baltic World”’)

[4] Тука, се разбира, не ги вбројувам коњаничките споменици (на пример оние на српско-југословенските кралеви Петар Први и Александар Први Караѓорѓевиќ пред Камениот мост) подигнати од окупаторските власти во Македонија. Едновремено, немам целосен увид за овој вид споменици низ Македонија, но сепак мислам дека скопскиот е прв.