Продаваат теза дека за да се бориш за уставот, граѓански слободи и права, владеење на правото, демократија, треба да си само со голи раце и гол газ

0
296

Бре, бре, бре! Нашиве ширачи на шарени лаги деновиве во нова валкана кампања да покажат и докажат дека т.н шарени револуционери, замислете, не живееле од воздух, ниту пак се само на вода и оцет, туку заработувале пари за живеачка, мали, средни или големи суми, сеедно. Не велат нечесно, со нелојална конкуренција или со крадење од сите од буџетот како они, туку, замислете, заработувале за живот.

karolina-ristova-asterud

Исто така, сакаат да продадат теза дека за да се бориш за уставот, граѓански слободи и права, владеење на правото, демократија, треба да си само со голи раце и гол газ, и, се подразбира, само така голорак и гологаз да и се спротиставиш на нивната сеприсутна и безобзирна узурпација на сите општествени и државни ресурси, меѓудругото, и преку очигледната неуставна и незаконска злоупотреба, манипулација и клеветничка употреба на податоците од УЈП, што, нели, се подразбира е и треба да биде нивен сервис за такви потреби, а не сервис за легални и легитимни потреби на сите граѓан(к)и.

Во заднината на сето тоа се и други две трулеж-аксиоми.

Прво, они не можат да разберат како некој/а не избрал/а како нив, да си ја „продаде душата на диктаторот„, и за и од огромни крадени пари, да продолжи натаму непречено да го краде, лаже и репресира сопственото сограѓанство?! Па уште, какви се бре тие будалетинки кои жртвуваат многу аспекти од тој еден живот што го имаат на оваа планета Земја за да се борат за себе, но и за другите, за секој друг?! Да се борат за тие што немаат, за тие што не знаат, за тие што се понемоќни од нив? Да го нарушуваат својот личен мир, комодитет, безбедност, семејство, итн? Па да се борат дури и за оние кон кои овие узурпатори буквално ја јавнаа и инструментализираа државата за да се однесуваат спротивно од онаа славна логика на Ж.Ж. Русо што одеше отприлика вака: „никој да не биде толку сиромашен за да биде принуден да му се продава на другиот, никој да не биде толку богат за да може другите да ги купува, узурпира и поробува„. Ма не е верно, елајте си сите при Темната страна, ние нудиме чоколадо на сметка сите други да немаат за леб, а општеството и државата да изумираат.

И, второ, нашиве трулеж-пропагатори знаат и добро ја разбираат моќта на онаа политичка максима на плуралните и демократски општества дека треба „парите да си ги вложиш во кауза каде ти е мислата и зборот“ (put your money where your mouth is), па сакаат да спречат на нашето граѓанство да не му истекне да ги повлече своите ресурси од под нивните нафатирани, дебели и узурпаторски газиња, и уште помоќно да им се спротистави. Затоа и онака „демохристијански„ ја величаат нашата нематеријална и материјална беда и сиромаштија како врвно достигнување во Европа од 21 век. За ние сите да бидеме разапнат Исус на крст, а они Понтије Пилат во своите барокни (упс, не се римски!) палати. И, секако, да не биде некави „Соросовци„, ante portas, финансиски што ќе ги помагаат каузите за слобода и демократија во оваа наша напатена земја во која гладните, босите, голораките и гологазите граѓан(к)и, ограбени и постојано силувани од диктаторската власт, би добиле пореални шанси да ја урнат нејзината клептоманска олигархија во киднапираната ни држава

 Фејсбук статус на проф.Каролина Ристова Астеруд

СПОДЕЛИ