ПРИЛЕП ВЕЌЕ НЕ Е ТЕМЕН ВИЛАЕТ И РЕКЕТАРСКО ДУВЛО, ПОЧНАА ОФИЦИЈАЛНИ ПОСЕТИ НА АМБАСАДОРИ И ВИСОКИ ДИПЛОМАТСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ : Денес германскиот амбасадор Томас Герберих го посети Прилеп

0
594

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Томас Герберих, денеска престојуваше во официјална и работна посета на Прилеп. Својот престој во Прилеп, амбасадорот го започна со посета на локалната самоуправа и средба со градоначалникот Илија Јованоски.

Прилепскиот градоначалник Јованоски го запозна амбасадорот Герберих со состојбите во градот, со преземените активности од денот на неговиот избор за градоначалник, како и со проектите кои Општина Прилеп планира да ги реализира во тековната година.

„Амбасадорот на СРГерманија, Томас Герберих, се интересираше за состојбите во нашиот град, за водоснабдувањето, загадувањето на воздухот, за функционирањето на стопанските субјекти. Со амбасадорот разговаравме за генералната состојба во општината, се договоривме за начинот на кој што наредниот период ќе се одвива нашата соработка. Г-нот Герберих ја искажа подготвеноста на германската амбасада да помогне во оние области, каде што на општина Прилеп ѝ е најмногу потребна помош“, изјави градоначалникот Јованоски.

Амбасадорот Герберих рече дека Македонија и Германија долги години соработуваат на полето на политиката, културата и економијата, но нему како на нов амбасадор на СР Германија во Македонија, важно му е да оствари соработката и со општините.

„Мојата сопруга и јас веќе 5 месеци сме во Македонија и сметавме дека е вистинско време да патуваме низ државата со новата Влада и новите реформи, чиј пат ние би сакале да го поддржиме. Градоначалникот ме информираше околу актуелната ситуација и сметам дека од тоа произлегоа почетни точки на кои што во иднина би можеле да соработуваме. Амбасадата од средства на Сојузното Министерство за надворешни работи поддржува мали проекти. Минатата година во Прилеп имплементиравме два, коишто денеска свечено ги примопредадовме. Тоа се кабинетот по биологија во средното медицинско училиште и индустриска машина за перење алишта во домот за стари лица“, потенцираше амбасадорот Герберих.

Германскиот амбасадор и прилепскиот градоначалник го посетија средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“, каде во употреба го предадоа кабинетот по биологија. Станува збор за донација на амбасадата на СР Германија во висина од околу 240.000 денари, средства со кои кабинетот беше комплетно уреден и опремен. За време на престојот во Прилеп, амбасадорот Герберих го посети и домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, каде амбасадата на СР Германија неодамна донираше индустриска машина за перење алишта. Висината на донацијата во домот за стари лица изнесува околу 500.000 денари.

Како еден од најголемите поддржувачи на нашата држава, само преку КФВ банката, во изминатите години СРГерманија во нашата држава инвестирала во проекти, чија висина изнесува 320 милиони евра.