Прилепското ВМРО-ДПМНЕ започна да се расфрла со тужби по уредникот на ,,Публикум”, еве ја неговата РЕАКЦИЈА

0
481

Почитувани читатели на ПУБЛИКУМ,

ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп денеска до редакцијата на ПУБЛИКУМ испрати писмена реакција на реобјавениот прилог со наслов СКАНДАЛОЗНО: Фатени на дело: активисти на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп поткупуваат гласачи“.

Господата од локалното раководство на ДПМНЕ сметаат дека со објавениот прилог ПУБЛИКУМ пласирал “груби манипулации“ бидејќи, како што стои во реакцијата, за случајот сѐ уште не постоела правосилна пресуда и уште додаваат:

„Сега истата таа снимка ја објавувате со денешен датум, 13.10.2017 година, сакајќи да ги доведете во заблуда граѓаните“.

И на крајот на реакцијата стои барање за објавување на демант од наша страна, во спротивно ќе била поднесена соодветна кривична пријава до уредникот и сопственикот на порталот.

Господа од ДПМНЕ,

Како прво, никаде во нашата објава не стои дека има пресуда или пак дека за скандалот со нудењето поткуп некој е осуден.

Како второ, не ми е јасно каде тоа видовте дека снимката ја објавуваме со денешен датум? Ако одделите една минута од вашето драгоцено време ќе забележите дека на снимката јасно стои датумот кога истата е емитувана: 24.11.2016 година. Истовремено, во најавата за нејзиното денешно реобјавување пишува:„…Еве како изгледаат нивните стражи кои за последните избори шетаа по домови и нудеа мито“. Што не е јасно тука?

Како трето, на што барате демант? Имате идеја? Сепак мислам дека и вам тоа не вие јасно од причина што вашата реакција е пишувана со намера да го минимизира ефектот на објавата.

И четврто и последно, ве охрабрувам најавената кривична пријава против уредникот и сопственикот на порталот да ја поднесете час поскоро.

Со почит,
Зоран Милошески
уредник на ПУБЛИКУМ

СПОДЕЛИ