Престанете да не труете со омраза! Одвратни сте, досадни сте и не ви проаѓа!

0
763

Како и пред секои избори, деновиве повторно е актуелна темата на двојазичност и убер-патриотизам. Куририте и куртон-вестите, повторно вртат приказни како Република Македонија ќе се распадне ако ДПМНЕ изгубат на избори и како Албанците кои живеат во Македонија конечно ќе успеат во својата тајна мисија, да ја поделат и расцепкаат државава (и се разбира, конечно да го уништат античко-библискиот идентитет на македноскиот народ). Глупости. Веќе видена приказна. И неуспешна приказна. Не им успеа со палењето на крстот во Бутел, не им успеа со исценираниот тероризам во Диво Насеље.

Но, тоа што сега е ново и различно, е што и ДПМНЕ многу гласно и вокално се вклучува во таа реторика. (претходно тоа го правеа само преку своите партиски испостави во медиумите, сега веќе настапуваат со официјални соопштенија проткаени со таквата реторика).

Се уште играјќи на картата дека Македонците и Албанците се природни и вечни непријатели, тие многу гласно и ни малку суптилно ги вртат изјавите на Заев и Спасовски за употребата на албанскиот јазик во Република Македонија. Една работа е нивното елементарно неразбирање на поимот „двојазичност“, на Уставот, законите и и на Рамковниот договор. Друга работа е што ниту Заев, ниту Спасовски не го рекоа тоа кое курирчињата го силуваат во нашите очи и уши.

Но, сосема трета работа е фактот дека меѓуетничките тензии, иако пониски од кога било, се уште претставуваат потенцијален проблем во нашето општество. Особено во предизборен период, кога се проследени со внимателно осмислена националистичка пропаганда. Од двете страни (ДПМНЕ и ДУИ).

И во суштина, не е некој огромен или нечуен проблем кога една партија има пронационалистичка реторика и агресивен пристап во „заштитата на нацијата“. Проблем е кога истата партија ги продава националистичките вредности кои ги рекламира во политички договори направени зад затворени врати.

Имаме ситуација кога груевски и ахмети договараат автентично толкување на Законот за амнестија кое е спротивно на меѓународното право и со кое Хашките случаи се изземаат од прогон. Имаме ситуација кога груевски и ахмети договараат права, пари и вработувања за борците од ОНА, а бараат тоа да не се дознае. Имаме ситуација кога груевски и ахмети намерно усвојуваат уставни амандмани и носат закони за употреба на јазиците кои однапред не планираат да ги имплементираат. И на крај, имаме ситуација кога груевски и ахмети намерно не го имплементираат Рамковниот договор во целост, со цел да имаат заснованост на националистичката реторика пред следните избори.

И на нас ни е проблем тоа што Заев рекол дека бабичката од Гостивар за да добие парична помош од државата го има правото да се обрати на нејзиниот јазик и да и биде одговорено на нејзиниот јазик? Или дека не му пречи ќерка му да учи албански јазик во основно училиште? Озбилно???

Политиките кои водат кон интеграција не резултираат со зголемена омраза и сепаратистички тенденции.

Напротив, лажните националистички политики и доварањата зад затворени врати водат кон тоа. Водат кон омраза, страв, насилство и нетолеранција. И кон многу политички поени за партиите кои ја милуваат таквата реторика.

Затоа, драги мои партиски гебелсчиња, мегафончиња, курирчиња и кликачи: Престанете да не труете со омраза! Прво, одвратни сте. Второ, досадни сте. И трето – не ви проаѓа пропагандата – единствени кои ќе ви веруваат се оние кои и без тоа би гласале за вас.

Павле Богоевски – Фејсбук статус