Премиерот Заев на средба со Заменикот асистент секретар за Европа и Евро Азија, Палмер: Со демократските, фер и кристално чисти претседателски избори нашата земја покажа дека е зрела демократија во која граѓаните се за едно општество за сите

0
1129

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во пресрет на отворањето на Генералното Собрание на ЕБОР во Сараево, БИХ оствари средба со Заменикот асистент секретар за Европа и Евро Азија во Стејт Департментот на САД, Метју Палмер.

На средбата беше потенцирана одличната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави и премиерот Заев изрази голема благодарност за континуираната поддршка на САД за членство на нашата земја во НАТО и ЕУ. Палмер истакна дека успешно спроведените претседателски избори ја носат државата во вистинскиот правец и ги олеснуваат заложбите за добивање на датум за преговори со ЕУ.

„Демократските, фер и кристално чисти избори потврдија дека нашата земја станува зрела демократија, а граѓаните дадоа масовна поддршка на концептот едно општество за сите. Покажавме како земја дека имаме капацитет да ги решаваме тешките прашања, а сега сме фокусирани на иднината и економскиот прогрес на земјата. Со 12 ратификации на протоколот за нашето членство во НАТО веќе се чувствуваат позитивни ефекти и охрабрување за нови инвестиции. За нас е многу важно Европската унија да ни даде датум за преговори во јуни за да го оствариме европскиот сон на многу генерации наши граѓани“, рече премиерот Заев.

Палмер ја потенцираше важноста нашата земја да добие датум за преговори со ЕУ и во таа насока рече дека е оптимист посебно заради фактот што Северна Македонија покажа дека е пример во регионот со потпишувањето и реализацијата на Преспанскиот договор и со реформските процеси.