Премиерот Заев му подари на папата Франциско реплика од теракотна икона

0
242

Скопје, 7 мај 2019 (МИА) – Премиерот Зоран Заев го испрати папата Франциско со покана повторно да ја посети нашата земја и со подарок реплика на теракотна икона од  археолошкиот локалитет Виничко кале.

На иконата е аплициран победничкиот крст на Византискиот император Велики Константин кој го легализирал Христијанството со Миланскиот Едикт од 313 година, соопшти владината прес-служба.

Фото: МИА

Заев во доцните попладневни часови на скопскиот аеродром учествуваше во свеченото испраќање на неговата светост папата Франциско кој денеска беше во еднодневна, историска посета на нашата земја.

Фото: МИА

„Папата Франциско, и бројната делегација на Католичката Црква и на Ватикан, ја завршија посетата со богата програмска содржина која вклучи средби со државниот врв на Република Северна Македонија, средба со сиромашни граѓани, со свештениците и верниците на Католичката црква во нашата земја, како и света литургија на која присуствуваа неколку илјади граѓани од земјата, од регионот и од повеќе европски држави“, стои во соопштението.