Пред Заев само Глигоров имал голема поддршка и доверба од Албанците и другите етникуми

0
359

„24 години Македонија е една држава со две општества. Тоа повеќе не смее да биде така“. Оваа порака ја упати Заев, опозицискиот лидер, од граѓанскиот собир во неделата на 17 мај годинава. Пораката ја содржи реалната состојба на поделено општество.

Токму поделеноста на општеството е најголемата закана за државата, таа ги руши темелите на државата. Во голема мера причините за воениот конфликт во 2001 година, треба да ги бараме токму во оваа поделеност.

mitko-Jovanov-slika-za-kolumni1

Изминатите 24 години има мултиетничност само во врвовите на власта со застапеноста на преставници на етничките заедници, но мултиетничноста во врвот на власта не се рефелктира позитивно назад во општеството-во реалниот живот.

Партиите кои биле и се на власт, ПДП, ДПА, ДУИ и партиите на другите етнички заедници, се грижеле за реализација на партиските и личните интереси, на приврзаници, членовите, но не и за општото добро на граѓаните кои ги преставуваат. Оваа критика важи и за партиите од македонскиот блок.

Не може да бидат подобрени правата на Албанците или другите етнички заедници преку поделбата на државните функции на партиските послушници, поделба на тендери или во превод-поделба на државните пари кои може лично да се присвојат и низа други привилегии. На пример Албанците од Липковскиот регион не им се подоборува животот ако пуштат собраниски канал на МТВ и ги слушаат пратениците од ДУИ и ДПА на албански јазик ккао се расправаат и караат кој е поголем патриот и заштитник на интересите на Албанците или пак ако  со превод на албански ги слушаат пратениците од ДПМНЕ или друга партија. Истото важи и за Македонците, Турците, Ромите и другите припадници на останатите етнички заедници од други делови на државата.

Држава која дискриминира создава конфликтно општество

Не сме свесни колку, до која мера, нашата држава е дискриминаторска. Најголем дел од граѓаните тоа го имаат искусено уште од мали нозе, во градинка, училиште, студии, лекарски преглед, вработување, за добивање документи од некоја државна институција-работи кои се граѓански права загарантирани со Уставот и законите. Најголем дел од граѓанитеза да ги остварат своите права, мораат да имаат некаква „врска“ а во последните девет години, пред се најважна е партиската книшка од партиите на власта.

Не сокривам дека сум ја доживеал многу пати на своја кожа дискриминацијата во нашата држава. Не сум се борел да добијам привилегии, туку сум се борел да не бидам обесправен. Верувам илјадници други сограѓани тоа го доживувале и доживуваат.

Да ја изградиме државата на здрави темели тогаш ќе мораме да создадеме услови да се почитуваат/применуваат реално, ефективно и дословно Уставот и законите за пред нив граѓаните да бидат еднакви, без разлика на нивната партиска, етничка, религиозна или пак некоја друга припадност, меѓу кои ќе ја истакнам и фамилијарната, затоа што роднинските врски разорија цели институции изминатите децении.

Македонија ќе биде силна, стабилна, напредна, дел од НАТО и ЕУ, само ако градиме заедничко општество а не како досега да дозволуваме политичарите кои управуваат со државата, да го делат општеството, со цел да си ги реализираат своите лични цели на сметка на граѓаните. Политичарите нема да се фатат за пушките и да се тепаат меѓусебно, туку на тоа ги наведуваат граѓаните, за да можат да се извлечат од криминалите кои ги правеле преку кои се стекнале со милиони евра.

Заев ги руши ѕидовите/бариерите кои ги разделуваат граѓаните

Заев продолжува со своите храбри чекори, со кои ги крши стереотипите кои се изградени изминатите децении а кои преставуваат ѕидови/бариери меѓу граѓаните од различна етничка припадност.

Заев отиде во Дива населба во Куманово и лично да се запознае со состојбата, да разговара со тамошните жители. Иако, очекував и други политичари и јавни личности да го сторат истото. Најмалку е важно дали жителите во Дива населба во Куманово, се Албанци, Турци, Македонци, Роми или од друга националност.

Таму жителите преживеаа војна, стресови кои ќе ги носат до крајот на животот, нивните домови се разрушени. Додека траела жестоката престрелка тие со ништо не ја отежнувале акцијата на полицијата, туку напротив, колку што можеле придонесувале да и олеснат на полицијата и во нејзе гледале заштитник. На тие луѓе секоја помош им беше добредојдена.

Груевски ниту помисли да се доближи до Куманово, истотака и лидерите на ДУИ и ДПА, додека човекот кој се смета за претседател на државата, кој треба да се семта и за претседател на сите граѓани, е тој Иванов, не собра храброст да ги посети жителите од оваа кумановска населба, но затоа може да оди во Кавадарци или Валандово за да се фати за ножица за да закроел лозова прачка.

Наместо да се засрамат, власта и медиумите под нивна контрола, се дрзнуваат да го обвинуваат Заев дека се сликал со терористи. Иако МВР извести дека дел од терористите се убиени и уапсени, затоа не јасно е кои од жителите на Дива населба во Куманово кои беа снимени и фотографирани при посетата на Заев се терористи. Ако така препознале терористи тогаш нека пријават во полиција или полицијата нека дејствува и тие ги следат медиумите, наместо да ги оцрнуваат луѓето затоа што сакаат да го оцрнат Заев.

Наместо да го напаѓаат Заев, треба претседателот на државата, премиерот, министрите да им се извинат на граѓаните од Дивата населба во Куманово но и на сите граѓани во државата, затоа што ни приредија таков стрес што нема да им го заборавиме. Нема да им го заборавиме тоа што поради нивната неспособност или што и да е друго, Македонија се збогува засекогаш со осуммина полицајци, а ранетите, своите лузни ќе ги носат цел живот како и другите полицајци кои учествувале во операцијата, но тие се и сведоци, кои еден ден ќе раскажат што и како се случувало на терен.

За да го оцрни Заев, власта ги руши темелите на државата

Власта не е свесна дека ги урива темелите на државата со нападите против Заев, лепејќи му етикети дека бил предавник затоа што се сликал со Албанци-млади жители од Дивата населба, со нив направил селфи фотографија. Токму тоа што Албанците сакаат да се сликаат со Заев, кој е лидер на СДСМ и иден премиер, е мал чекор за Заев, но огромен за Македонија. Нема поубаво и подобро за државата, од тоа Албанците да почитуваат и подржуваат лидер на македонска партија. Да се присетиме, поддршката што ја имаше Имер Селмани од страна на дел од Македонците кога тој беше кандидат за претседател на државата, беше чин кој беше поздравуван и позитивно реагираше јавноста. Денеска се случува Албанците да го подржуваат Заев и да веруваат во него како политичар. До сега немало македонски лидер кој имал подршка од Албанците и  другите етнички заедници како што денеска има Заев. Од политичарите единстевно Киро Глигоров имал таква поддршка од Албанците и другите етнички заедници каква што има Заев денеска.

Пролет за поинаква Македонија

Митингот во неделата на 17 мај беше посебен фенонем-пролет за поинаква Македонија, држава на сите граѓани, држава која нема да ги дискриминира граѓаните.

Крајно неодговорно е власта и нејзините медиуми да злоупотребуваат некои слики на луѓе на кои имало нацртано карта од голема Албанија. Таквата и слична кореографија ја има секаде во скоро секоја држава и не треба да им се дава значење се додека таа не биде официјална политика на политичките субјекти или организирани групи за реализација на националистички цели а кои треба во тој случај да бидат законски санкционирани.

Многумина Македонци имаат карти од географска Македонија, ги закачуваат на ѕидови во домовите, канцелариите, на маиците, и разни други реквизити, зарем треба нив да ги обвинуваме дека се националисти или терористи. Никако! Таквата кореографија е резултат на минатото, историјата, носталија и други слични лични чуства. Во случај организирано да дејствуваат тогаш се санкционираат согласно законите.

Проблем настанува и тоа сериозен на пример кога Груевски од позиција на премиер ќе се клања пред карта на етничка Македонија. Да се присетиме. На 4 февруари 2008 година по повод одбележувањето на 136-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев Груевски се поклонил пред карта на обединета Македонија. Тоа не смее да му се случи на премиер или политичар на државна фунцкција но и на тие што се во опозиција.

М-р Митко Јованов