ПРВОТО ВМРОВСКО ДИРЕКТОРЧЕ ЗАМИНА НА ОДМОР ВО ЌОРКА : 30 дена притвор за директорот на неврохирургија, Чапаровски!

0
3097

30 дена притвор доби директорот на неврохирургија, Александар Чапаровски, кој е осомничен за барање и примање поткуп од пациент. Обвинителството отвори истрага по пријавата, а по пронајдените докази, побара од судот да му изрече притвор.

По распитот кој траеше речиси 2 часа, директорот Чапаровски го напушти судот со лисици и беше спроведен во истражниот затвор во Шутка. Претходно тој речиси цел ден беше лишен од слобода во полициската станица Беко, пред да биде изнесен кај судија на претходна постапка, кој му ја изрече мерката притвор.

Во мнеѓувреме, полицијата изврши претрес во неговиот дом и канцеларија – потврди МВР, без да соопшти детали што било пронајдено. ТВ24 од извори во истрагата дознава дека во неговата канцеларија биле пронајдени 1000 евра – пари кои тој ги барал од родителите на 14 годишното девојче кое требало да се лекува во странство. Пронајдени биле и уште 30.000 евра за кои се претпоставува дека се пари земени како поткуп од други пациенти. Во неговиот дом, полицијата пронашла и уште 10.000 евра, но тие за сега неможат да бидат релевантен доказ, бидејќи не биле пронајдени на неговото работно место.

Неговиот адвокат, најави дека ќе ја почека официјалната одлука на судот, по што ќе ја обжали мерката притвор. Во тој случај, Кривичниот совет ќе треба да се произнесе 24 часа по поднесување на жалбата.

Чапаровски, вчера беше на информативен разговор во полициска станица. Според извори од клиниката, тој бил спроведен со полициски возила, а по неколку часа бил вратен на своето работно место.