ПРВА ПРЕСУДА ЗА СЛУЧАЈОТ РЕКЕТ : Три години затвор за Зоран Милевски Кичеец кој призна вина

0
124

Три години затворска казна одреди судечкиот совет со кој претседава судијката Васка Николовска Масевска, за Зоран Милевски – Кичеец, третообвинет во случајот „Рекет“, кој вчера на првото рочиште во Кривичниот суд во Скопје призна вина за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.

На Милевски му е продолжена мерката куќен притвор до започнувањето на издржувањето на казната затвор. Во казната се пресметува и времето што Кичеец го поминал во притвор и тоа сметано од 15 јуни 2019 година.

Откако вчера обвинителката Вилма Русковска предложи судот поради признанието дека е виновен да му изрече казна на Милевски според олеснителни и отежителни околности, неговиот адвокат Александар Новаковски рече дека обвинетиот од самиот почеток на процесот, имал шанса како сведок да го избегне обвинението, но тој од незнаење се довел во ситуација да биде обвинет.

Новаковски побара Судот да има предвид дека Милевски е татко на пет малолетни деца, дека е неосудуван и од самиот почеток ја кажувал вистината пред Јавното обвинителство.

– Верувам дека Судот ќе го цени и признанието на вина – изјави адвокатот Александар Новаковски.

Судскиот процес „Рекет“ продолжува во петок против Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Јанева е во домашен притвор, а додека Бојан Јовановски е во КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор.