Правда за Мелита

0
236

Што ти е пропаганда. Тие мене ќе ме лажат-на Мелита и го украле телефонот?! Мислат дека не знам кој стои зад оваа подла, обмислена стратегија за одвлекување на вниманието од преговорите за состав на ново парламентарно мнозинство?

Живи сте фатени. Ајде сега признајте колку време мислевте како да го преокупирате просечниот македонски ум, додека се токмевте како да му испорачате нова јадица за фаќање на кленови. Не дека ќе имавте проблеми и со некој поситен мамец, како на пример –Заев ќе ја федерализира Македонија и ќе воведе двојазичност, ама признавам, овојпат Центарот за комуникации, изигра маестрално. Си велат, празници се. На кого му е до политика? Предновогодишно, пука еуфорија, прослави, селфија, среќни лица, задоволни работници, јубелеи, газди и газдарици, холивудски манири, печени прасиња, лесковачки муќкалици, бучкуруш….И како јаготка на врвот од шлагот на тортата-меѓуножјето на Мелита.

Јас не знам што е тука чудно? Најнормално е на пауза меѓу виткање сарма, сецкање руска за празниците, пеглање, чистење, ние жените, да си правиме селфи во долен веш и да си го сликаме меѓуножјето. И се разбира, фотографиите да си ги чуваме во телефон за да имаме утре што да им покажуваме на нашите внуци.

,,Види внучко баба какво селфи има со меѓуножјето”…. И така ќе се раскажува од поколение на поколение.

Тоа е наше основно женско право- да си правиме селфи со меѓуножјето. И затоа барам правда за Мелита.

МВР веднаш да го преземе случајот во свои раце и да утврди дали моите сомнежи дека МВРО стои зад кражбата на мобилниот на познатата џет-сетерка, се основани или не.

Ако е потребно, подготвена сум да дадам изјава пред истражните органи и да ги образложам моите сомнежи и да презентирам и докази ако треба.

Еве де, јавно прашувам што ќе го заинтригира повеќе просечниот македонски ум кога ќе го отвори фејсбукот или кога ќе види на сите куриросани медиуми, 18+ и меѓуножјето на Мелита или тоа дека Груевски и Ахмети уште пред избори ја договорија коалицијата топтан со сите прифатени барања, па сега глумат нешто како -тие божем бараат, а ние божем не им даваме?

Отсекогаш сум знаела дека најпатриотската партија во Македонија, со најчесното раководство во историјата, е за народот и со народот.

10 години се жртвуваат за народот кој нема ниту за леб, а тие му купуваат од најскапите чоколади.

На кого ќе му текне да си направи закон со кој добива државни привилегии толку години колку што бил премиер-возач, 6 телохранители и службено возило се разбира, ако не на човекот од народот Никола Груевски, опеан во песните и истетовиран на машки гради. За женски не знам, се уште нема селфи со голи женски гради и ликот на Пастирот на нив.

Но, мене не ми е за Никола, ако, туку сега и на Емил ли му следуваат истите привилегии? Па, тој не е избран од народот, туку од клетите странци. Пак Сорос замешал прсти.

Море, што се гледам смешна. Нова година доаѓа, а јас се мачам да објаснам дека овде ништо не е нормално. Наопаку е бре луѓе да се бара оставка од Заев, а од Груевски не. Наопаку е некој жив да биде фатен како краде, тепа, мести избори, троши пари на скапи мерцедеси и чоколади место за леб и пак да се токми да предводи Влада.

Наопаку е.

Затоа, не се прашувајте зошто и јас сум наопаку. Ми се може. Мое право.

Како некои ќе отвореа да ја прочитаат колумната? Сите сме жртви на пропаганда. Еве и јас пишувам за Мелита.

Морално беше.
Среќна Нова 2017 !

Емилија Лазаревска

СПОДЕЛИ