Попушти мостот кај Зрновци, поплави во Чешиново-Облешево

0
301

most zr

Надојдените води на реката Брегалница ја разнишаа статиката на мостот кој општина Кочани ја поврзува со општината Зрновци. Од надојдените води се попуштени два столба од мостот, а има пукнатина и на асфалтната лента.

– Од изутринава го контролираме сообраќајот на мостот, а патниците ги пропуштаме пешки да поминуваат. Мостот е попуштен на две места и доколку продолжи зголемениот интензитет на доток на вода претстои опасност од негово целосно попуштање, изјави Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.

Брегалница во атарот на Зрновско поле поплави стотици хектари ораници и бавчи со градинарски култури. Состојбата се следи од страна на општинскиот кризен штаб.

Надојдената вода од Брегалница не го загрози градското подрачје на Штип, но се излеа во атарот на Облешево, Чифлик и селото Теранци. Поплавени се и дворови и куќи во селата Чешиново и Уларци. Селото Теранци дваесет и четири часа беше отсечено од општинскиот центар Чешиново-Облешево и единствената врска ја имаше преку општина Зрновци. Кризниот штаб од оваа општина е на терен, а механизација работи на расчистување на најкритичните места за прифаќање на надојдените води.

Според последните мерења, дотокот на вода во акумулацијата Калиманци двојно е намален и тој во 10 часот изнесувал 145 метри кубни вода во секунда.

– Испустот на вода изнесува 130 метри кубни во секунда со што веќе се намалуваат и акумулираните количини на вода во езерото. Браната се наоѓа на кота 515,82 и се уште е на прелив, изјави Зоран Беличев, директор на Водостопанство Брегалница.

Акумулацијата Градче крај Кочани се уште е на прелив, но дотокот на вода е намален двојно од вчера. Кочанска река утринава е со голем водостој, но не постои опасност од нејзино излевање во кочанското поле, бидејќи навреме се исчистени каналите кои водат до вливот на реката во Брегалница.

Во текот на вчерашниот ден и ноќеска надојдените води на Кочанска и на Оризарска Река се излеаја на оризовите површини, а водата навлезе и во селата Прибачево, Теранци и Горни Полог, Кочанско.

Во општина Виница надојдените води на реката Осојница урнале еден електричен столб, а поплавени се повеќе стотина површина ораници.

Поради одрони патниот правец од Истибања кон браната Градче е затворен, а сообраќајот е пренасочен од Виница кон Берово.

Поради ситуацијата со поплавите во источна Македонија, во Скопје во тек е состанокот на Координативното тело за справување со кризи.