Поклон и почит за Ненад Серафимоски, загинатиот припадник од ЕСЗ „Тигар“ во настаните во „Диво Насеље“

0
1578

Градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски и советници од општинскиот Совет, како и претставници од Здружението на резеревни воени обврзници, учесници во настаните 2001/2002 година, со претседателот Рубин Секулоски, денеска се поклонија и почит му оддадоа на загинатиот припадник на единицата за специјални задачи (ЕСЗ) „Тигар“, Ненад Серафимоски, учесник во настаните во кумановско „Диво Насеље“.

Минатата година во дворот на Основен суд во Прилеп подигнат е споменик во чест на загинатиот припадник на безбедносните сили, Серафимоски.

Денеска во Прилеп пред споменикот се поклонија припадници на ЕСЗ „Тигар“ и членови на семејството.

Советот на Општина Прилеп, минатата година донесе Одлука во негова чест да биде поставено спомен обележје во дворот на Основен суд – Прилеп.

Ненад Серафимоски загина на 27 годишна возраст, при извршување на својата службена должност, во одбрана на татковината и зачувување на нејзиниот интегритет.

Серафимовски е роден во с.Зубовце- Гостиварско, а неговата мајка е прилепчанка, затоа спомен обележјето е поставено во Прилеп.