Повик

0
710

Колумна на Дамјан Манчевски

Долго време зборуваме дека на Македонија и е потребен нов почеток. Потребна ни е една сосема поинаква власт. Итно се потребни коренити промени кои ќе создадат една сосема нова држава. Држава на сите граѓани. Држава во која нема наши и ваши, без зла крв. Потребни ни се сосема нови општествени вредности. Општество во кое ќе се напредува и цени според квалитетот и работата, а не според партиската припадност. Крајно време е да воведеме вредности кои ќе се базираат на критериуми. Мерливи критериуми кои ќе се јасни и познати за сите.

Една од тие вредности, кои одамна ги заборави актуелната власт е транспарентноста. Не онаа вештачката, одглумена транспарентност, кога Никола Груевски се шета со микрофон. Вистинска, реална транспарентност која на граѓаните ќе им дозволи да учествуваат во донесувањето на одлуките. На оние кои не сакаат да одлучуваат, ќе им даде доволно информации за да знаат што се случува. Нетранспарентноста беше и една од главните замерки на граѓанскиот сектор за преговорите кои се водеа за „оживување“ на Договорот од Пржино. Ние од СДСМ, целосно ги поддржувавме барањата за учество и на претставници на граѓанскиот сектор. Нивната намера не беше да одлучуваат. Особено не во туѓо име, туку напротив да мониторираат и да даваат предлози. Според нас, тоа беше многу искрен и чесен пристап. За жал, останавме сами во поддршката за учество на граѓанскиот сектор. Ние ниту можевме, ниту некогаш ќе можеме да ги контролираме ДПМНЕ, ДУИ, ДПА или претставниците на меѓународната заедница.

Но, цело време додека траеја преговорите, од јуни 2015 година до денес, сакаме да покажеме дека сме поинакви. Сакаме да покажеме и да им докажеме на многу скептици дека новата власт предводена од СДСМ ќе биде сосема поинаква. Отворена за соработка на сите искрени чинители во општеството кои имаат идеи, експертиза, но пред се волја и амбиција да ги сменат работите на подобро. Особено сакаме да покажеме на каков начин ќе се владее по смената на власта на следните фер и демократски избори. Транспарентно и инклузивно. Сите граѓани да добијат шанса и да чувствуваат дека ако ништо друго, барем дека нивниот глас бил слушнат и земен предвид. Секако, на крајот на денот се работи за демократски процес, во кој мнозинството одлучува. Но, вистински демократска власт и покрај одлуката на мнозинството, треба да има особено висок сензибилитет и за ставовите на малцинството. Тоа малцинство да го цени и негува и од него да не прави непријател, туку коректив на власта. Тоа е огромната разлика помеѓу владеењето на бандата на Никола Груевски и следната демократска власт.

И, како и секогаш, не сакам да кажувам празни фрази и пароли. Мора веднаш да прејдеме на дела. Ние од СДСМ не сакаме да чекаме на промена на власта за да го покажеме новото лице на Македонија. Затоа упатуваме јавен повик за учество на експерти во ад-хок групата за мониторинг на медиумите во предизборниот период, како и за  главен уредник на информативната редакција на Македонската Телевизија. Тоа не е наша обврска. Ние не мора тоа да го правиме. Дури напротив, согласно договорот имаме право на наш партиски претставник во оваа ад-хок група, како и на наш предлог за главен уредник. Но, навистина сакаме да го искористиме целиот потенцијал во оваа област кој го имаме во државата. Не е поентата СДСМ и партиите да ги контролираат медиумите. Сега медиумите се под контрола на ДПМНЕ. Целта е да овозможиме на самите професионалци од фелата да добијат можност, да им се даде шанса, да им се обезбедат услови за да конечно во медиумите видиме минимум професионални стандарди. Секако има и чесни исклучоци, но самиот факт дека од 2006 година па до денес Македонија драматично назадуваше во областа на слободата на медиумите говори само по себе.

Знам дека за многу луѓе претходниот пасус изгледа контрадикторно. Односно, партија бара професионалци од областа на медиумите, наместо тоа да го прават соодветни професионални здруженија и институции. Сосема отворено тука ќе зборувам и за критиката на одредени медиумски работници воопшто за самиот концепт на ова ад-хок тело. Ги сфаќам нивните аргументи дека сакаат коренити реформи во медиумите. Имаат чесни и искрени намери. И јас сакам. Но, свесен сум дека до такви реформи во медиумите, но и во било која друга област, нема да дојде ако претходно не падне оваа власт. Се лажат сите кои очекуваат Груевски и Ахмети да спроведуваат коренити и итни реформи. Се лажат сите оние кои сметаат дека овој собраниски состав некогаш ќе дадеше поддршка на било какви сеопфатни реформи. Тое е едноставно невозможно. Немаат ниту волја, ниту знаење за таква работа. И ќе останеме заглавени со нив уште цела деценија.

СДСМ подава рака. Подаваме рака на цела Македонија. Ако не можат на друг начин, сакаме на сите граѓани кои се чувствуваат обесправени, угнетени, незадоволни, сите оние кои сакаат и имаат капацитет, сила и волја, преку нас да го кажат својот глас. Заедно да ги менуваме работите. Заедно да ги спроведуваме реформите. Заедно да обезбедиме подобар живот за сите. Затоа е потребна итна промена на власта. Затоа се потребни реформи кои ќе создадат услови за фер демократски натпревар. Затоа е потребно да направиме се што треба, да се обединиме сите оние кои сме застанати наспроти режимот и да дадеме личен придонес. Не смее да се седи на страна и само да се критикува. Тоа му помага на режимот. Потребно е сите да го вложиме сопствениот личен и професионален капацитет. Потребно е да се откажеме од личниот комодитет и да го зададеме последниот, решавачки и победоносен удар на режимот.

Колумната е објавена во ,,Слободен печат