Платформа на спасот и ужасот

0
158

Својата драматична одлука да не му го даде мандатот на СДСМ Иванов вечерва формално ја „поткрепи“ со фамозната Платформа на политичките партии на Албанците во Македонија. Настрана сите тешки зборови и патетики, настрана што сосема ни се јасни неговите вистински мотиви, да видиме што „ѓаол“ е таа платформа.

Според него, Платформа потпишана во „туѓа“ држава, со „туѓ Премиер“ е закана за унитарниот карактер на Македонија, таа е противуставна, ја поткопува државата, ја доведува во подредена положба, го загрозува територијалниот суверенитет и интегритет и сувереноста. Нормално, секој ќе се праша, а зошто Иванов му го даде мандатот на Груевски, кој преговараше со истите партии, а платформата уште тогаш беше донесена!? И како може Платформа да биде противуставна, белким противуставни можат да бидат закони, законски акти и одлуки, а не „Платформа“? Но, добро, да не мешаме логика, принципи, да се задржиме на фамозната „Платформа“.

Кај неа се отвараат редица прашања, недоумици и дилеми. Прво, дали Иванов и неговиот кабинет ја имаат таа Платформа? Дали ја виделе со свои очи, на кој јазик е напишана, дали има официјален превод, заверена ли е? Дали е потпишана од „туѓиот премиер“ или само од македонските „индијански поглавици“? Или, оваа како што и сам ја нарече „судбоносна и историска одлука“ ја донесе врз основа на она што го прочитал по портали и на Фејсбук?

Вакво прашање нам може да ни изгледа како претерано цепидлачење, ама здравје боже, ако еден ден му се суди на Иванов за нарушување на уставниот поредок, и суспендирање на легитимно избрано Собрание, (зашто оваа негова одлука е токму тоа), судиите ќе прашаат, може ли да добиеме оригинал од овде спомнатата Платформа? И ако нема, ќе испадне дека Иванов носел одлуки на „рекла казала“.

Но, еве да претпоставиме дека ја има Патформата во „оригинал“, и се во неа проучил со своите експерти, ала Филимена и Михајло. Тогаш е многу важно каква е политичко-правната димензија на тој документ, поради која може да бидат фрлени во вода едни предвремени парламентарни избори, работата на стотици службеници во комисии, одбори, напорот и вољата на 1,5 милиони гласачи и нивните околу 7 милиони евра, потрошени на таа демократска операција? Оти, нели, Иванов вели дека поради таа Платформа не го дава мандатот.

Платформата е документ усогласен помеѓу три македонски партии, каде се поставуваат одредени појдовните основи за преговарање, своевидно „писмо на намери“ на партиите во преговори со друга (македонска) партија, а не е ников финален документ. Оти финалниот исход не зависи само од овие потпишани страни, туку има тежина на даден меѓусебен збор, и тоа главно поради меѓусебната недоверба, и политички маркетинг, се разбира.

Вакви меѓупартиски документи и досега се потпишувани, а тие имаат многу мала обврзувачка моќ. Доволно е една од страните да „истапи“ од неа. Така и се има случувано, се сеќавате со тнр. Мајски договор, кој исто така беше меѓупартиски договор, кого ВМРО-ДПМНЕ го прогласи отворено за „тоалет-хартија“!? Што би рекле странците, нон-пејпер. Овој документ е на тоа ниво, и политички и правно. Како таков најмалку е битно каде и со чие посредство е постигнат.

Она што евентуално би можело да го „плаши“ или да го интересира (и само толку) Иванов не може да биде платфорамата, зашто таа е појдовна основа, туку евентуално „исходот“ од таа платфомра – евентуален договор за коалицирање, ако постои. Како Иванов знае што од тој документ е прифатено од Заев, а што не? Има ли повторно разузнавачки информации, како при аболицијата („имам јас начин“), кога ги аболицираше осомничените уште пред да бидат обвинети, па де-факто ја уништи судската дискреција и експонираше, потенцијално невини луѓе (не е исклучено, тоа да му „пресуди“ индиректно и на Коста Крпач)? „Има ли начин“ Иванов да знае што договориле Ахмети и Заев?

Но, дури и да знае Иванов што е договорено меѓу Заев и Ахмети, тој нема ингеренции тоа да го оценува од уставно правна, ниту од политичка гледна точка, (како што бараше) и „превентивно“ да го спречува, недавајќи мандат, зашто со тоа ги пречекорува своите уставни овластувања. Македонија не е претседателски систем и такво право не му е дадено. Со својата одлука тој се наметнува, и ја узурпира законодавната власт (Собранието), а преку неа и извршната (идната влада).

Затоа со право се вели дека извршил државен удар.

Во нашиот систем, додека не се измени (како турскиот или рускиот) уставната контрола на претсердателот е позиционирана на друго место – во потпишувањето на указите со кои законите стапуваат во сила. Како знае Иванов колку и што од тоа што се договориле албанските партии меѓусебе, а потоа со Заев, ќе биде преточено во Закон? Па половината од тие барања се однесуваат на двотретинско мнозинство,што Заев не може да им го понуди. И какви измени ќе претрпи во Собраниската расправа? И на крајот, ако нешто смета дека е противуставно, тогаш тој може да интервенира, а не сега. Не може да ја спасува Македонија и да ја штити уставноста на државата од „Нероден петко“. Во овој момент единствено за што е јасно дека е противуставно е неговата одлука да не го додели мандатот.

Фејсбук статус на Жарко Јорданоски