Парични казни за учесници на „Шарената револуција“ во Прилеп

0
424

Четворица учесници на „Шарената револуција“ од Прилеп деновиве добија записници за констатиран прекршок и платни налози со кои, согласно Законот за јавна чистота, им се изрекува глоба во висина од 50 евра во денарска противвредност, објави порталот РеволуционерМК.

globa1

Од записниците може да се види дека врз основа на доставено известување од МВР, односно од Полициската станица (ПС) Прилеп, комуналниот инспектор при локалната самоуправа на Општина Прилеп констатирал дека конкретните лица сториле прекршок според чл.19 ст.1 од Законот за јавна чистота.

„Овој закон, Законот за јавна чистота, предвидува комуналниот инспектор на лице место да го констатира прекршокот, да изготви записник и да побара од сторителот истиот да го потпише. Во никој случај записникот не може да биде изготвен врз основа на прибавени известувања од ПС Прилеп, кои пак од друга страна биле должни таквата констатација да ја обезбедат со соодветни докази. Не може само врз основа на доставено известување комунален инспектор да констатира кој е сторител на прекршок направен пред месец или два“, вели адвокатот Жарко Стеваноски кој е еден од лицата на кои им беа доставени платни налози за наводно сторен прекршок.

Стеваноски вели дека против изречените казни ќе бидат поднесени соодветни приговори до Инспекторатот при локалната самоуправа, со цел да се укаже на неправилностите во постапката бидејќи, како што тврди прилепскиот адвокат, ваква постапка согласно Законот за јавна чистота може да води исклучиво Инспекторатот.

„Видео материјалите кои МВР ги прави за време на протестите не можат да служат како доказ во постапката, ниту пак како доказ можат да служат службени белешки од службени лица при МВР. Истовремено, непознато е како полицијата ги обезбедила имињата на лицата против кои се поднесуваат прекршочни пријави, од причина што не беше извршено легитимирање на ниту еден  учесник на протестите. Доколку се укаже потреба, ќе се поведе и постапка во Одделението за внатрешна контрола и професионални стандарди при ПС Прилеп, со цел да се утврди на каков начин МВР ги легитимирала учесниците на протестите“, потенцира Стеваноски.

Според информациите на Револуционермк, во следните денови ќе бидат поднесени прекршочни пријави и против 6-7 други учесници во „Шарената револуција“.