ОЈО ќе го истражува поништениот тендер за реагенси добиен од Жути распишан лично од Филипче

0
265

Обвинителството ќе го проверува тендерот за набавката за биореагенси и тестови на крв на Министерството за здравство, вреден 35 милиони евра. ОЈО поведе предистражна постапка по допрен глас, заради постоење на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство, наведуваат од обвинителството во нивното соопштение. Од ОЈО велат дека предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во министерството.

„Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, се наведува во соопштението на ОЈО.

Тендерот вреден 35 милиони евра, кој го распиша Министерството за здравство за набавка на хемиски реагенси, е поништен. Министерот Венко Филипче соопшти дека со евалуацијата е потврдено дека има недостатоци во поднесените документи од страна на економскиот оператор. Tендерот се однесуваше за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи со отстапување на потребната опрема на бесплатно користење за потребите на јавните здравствени установи се јави само еден економски оператор.

Јавноста го оцени како скандалозен тендерот за набавка на реагенси кога беше објавено дека се јавила само една фирма, регистрирана безмалку во исто време кога беше отворен техничкиот дијалог за тендерот во април годинава. Единствениот понудувач беше фирмата „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ, сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а како директор во Македонија се наведува Александар Јовановски – Жути.

Единствен контакт со компанијата, наведен во Централен регистар, е [email protected]Седиштето на компанијата е на иста адреса со канцеларијата на Филип Медарски, адвокатот на премиерот Зоран Заев, но Медарски демантира дека има некаква поврзаност со „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ и нагласи дека на истата адреса има уште неколку адвокатски канцеларии.

Фичипче најави нов тендер за реагенси кога ќе се утврди зошто се јавил само еден понудувач.

Извор : МакФакс