ОТВОРЕНО ПИСМО Почитуван Премиере, г-дин Зоран Заев Почитуван Министер за Внатрешни Работи, г-дин Оливер Спасовски

0
2619
14 hrs ·

ОТВОРЕНО ПИСМО

Почитуван Премиере, г-дин Зоран Заев
Почитуван Министер за Внатрешни Работи, г-дин Оливер Спасовски

Се надевам дека работите конечно и во Македонија ќе тргнат кон глобалниот напредок како во сферата на државните цели и интереси, така и кон човечките и граѓанските постигнувања.

Периодот кој замина беше тотална стагнација на сите државни и човечки вредности, деградација на сето она што значеше и вредеше нешто во државава. Да се надеваме дека сето тоа е само минато и никогаш нема да се повтори. Во таквиот период на бесрамно рушење на сите ресурси, исто така беше погодена и елитата на овој народ – интелектуалците од разни фели како професори, инженери, лекари, академски работници и теолози.

Кога конечно почнаа да се будат студентите и професорите (преку студенткиот пленум), кога конечно почнаа да се будат граѓаните (преку протестите и шарената револуција) и кога конечно преку демократски механизми (на изборите) граѓаните решија да му стават крај на тој период на безумие во Македонија, тогаш се појави и надежта дека навистина ќе почнат нештата да се придвижуваат во насока на подобрување и вреднување на нештата. Притоа би сакал да нагласам дека на последните избори албанците најмногу покажаа и докажаа дека сакаат граѓански концепт во Република Македонија, подарувајќи му на СДСМ околу 70.000 гласови, и мора да признаете дека тоа беше преседан во историјата со што покажавме дека ние сакаме да живееме слободно и рамноправно во оваа држава со загарантирани човечки права. Впрочем, тоа и во уставот на РМ е нагласено, дека ситенационални и верски права и чувства се загарантирани.

Токму тука доаѓаме и до целта на ова отворено писмо со кое сакам да ви се обратам. Имено, пред неколку дена прочитав отворено писмо упатено до вас, од страна на еден мој драг пријател – интелектуалец, теолог, докторант на социолошки науки м-р Амел Куртиши, кој што е сопиран на сите гранични премини секогаш кога излегува или пак влегува во Македонија. Охрабрен од неговото писмо одлучив и јас да ви се обратам поради истиот третман што ми се приредува повеќе од една декада секогаш кога треба да патувам. Така, без никаква основа и објаснување јас сум стопиран на граничните премини низ државава, без разлика дали сум сам, со фамилија или пријатели. Поради таквиот третман јас незнам ни што да им објаснам на пријателите, колегите или пак на моите деца кога ме прашуваат: „зашто те допираат, зашто само ние сме паркирани настрана, колку ќе чекаме?“ Што да им се каже, како да им се објасни на децата, кога пермантенто сте стопирани како да сте најголемиот и најопасниот криминалец во државата. Или пак треба да им се каже: „Не запираат поради тоа што сме решиле да ги почитуваме Божјите Закони, да не крадеме, да не лажеме, да сме искрени, чесни и на никому зло да не нанесуваме“. Но верувајте дека во тој случај децата (како и секое нормално суштетство) би го поставиле следно прашање: „Па што има лошо во сето тоа???“

Драг Премиеру, драг министре, јас сум универзитетски професор кој пожртвувано се бори за градење на високо-квалитетно образование и високо-квалитетни кадри, неуморно работејќи по 10-12 часа секој ден, преку предавања, вежби, работилници, научно-истражувачка работа и проекти. Доказ за успешното работење се големиот број на успешно сработените дипломски и магистерски работи, неколку меѓународни проекти, голем број на научни трудови, трите мои асистентки се моментално на докторски студии на Универзитетот во Лајпциг (Германија) итн. Со оваа работа се промовира мојот Универзитет во Тетово, но исто така и самата држава Република Македонија. Од друга страна посебниот третман на органите за безбедност, стоп-листата како и досието кое претпоставувам е преполно со невистини и измислени „факти“ претставуваат голема пречка во напредокот на мојата кариера, научно-истражувачката работа и придонесот којшто би можел да да го дадам за оваа држава. Како пример би го посочил случајот кога бев примен на Универзитетот на Њу Јорк за пост-докторски студии, кој патем е 20 по ред (на топ 20 листата) по шангајската ранг-листа на светски универзитети. Во моментот кога за мене беа побарани податоци од министерството за внатрешни работи постапката за давање на виза веднаш беше терминирана и целата работа осудена на пропаст. Почитувани, верувајте дека на ваков начин само се нанесува штета, на мојот личен авторитет но и на самата држава. Исто така, ваквите мерки не се ниту превентивни, ниту плодотворни, ниту едукативни и единственото нешто што го произведуваат е незадоволство и гнев.

На крајот би сакал да додам дека на оваа листа, освен мене и гореспоменатиот пријател, неправедно се ставени голем број на интелектуалци – професори, лекари, теолози (според некои претпоставки, околу 5000 лица). Затоа, јас и сите мои колеги искрено се надеваме дека ќе превземете конкретни мерки во решавање на овој проблем, отсранувајќи ги нашите имиња од ваквите стоп-листи и прочистувајќи ги нашите досија со точни и неискривени факти.

Доц. д-р Ахмед Јашари, дипл.инж.хем.
Доцент на катедра за органска хемија и биохемија
Група за Хемија
Природно-Математички факултет
Универзитет во Тетово
Македонија