Ордановски : Сакам да кажам, да не се грижат разни луѓе дека многу се критикува новава влада. Не се плашете, не се од шеќер, нема да се стопат

0
470

Македонија, навистина, сѐ уште не може да се навикне на фактот дека имаме власт која не само што прифаќа да биде критикувана, туку се труди низ дебата и нешто од тие критики да предизвика, па мирно да ги дигестира, нешто да поднаучи, па и да поправи онаму каде што мисли дека може тоа да се направи. Какво освежување, среде ноември.

Оној Заев просто инсистира да добие непријатни прашања од кој било новинар со кого ќе седне, па некако изгледа дека сите околу него се агенти-провокатори на Мирниот Човек од Сечуан, кој искомбинирал некаква струмичка варијанта на мудроста на Лао Це и итроштината на Итар Пејо, дошол до некаква внатрешна нирвана, и е подготвен искрено да одговори и на провокации, дури и во бележито и, се надеваме, трајно отсуство на Латас, од секаков „јавно-приватен“ вид. Тоа, експертски ви велам, не се учи, ќе да е дарба, поддржана од уверувањето дека политичарот мора да е 24/7 закачен на чивилукот на јавниот интерес. И низ добри и низ помалку добри времиња.

Или земете го оној кумановски кајмакам, нашиот цивилен претставник на везирот, во МВР, Оливер Спасовски: таман кога ќе помислите дека е здодевен и крут, како да лапнал двометарски стап на кој можеш да врзеш сиџим за сушење алишта, ќе ве изненади со смирен и супстанцијален одговор на кој ни назалниот цинизам на Оливера Трајковска или церебралната стрпливост на Васко Попетревски не можат да му најдат суштинска маана. Си молчи, додуша, кога нема што да каже – како со оваа трагичнава престрелка од пред некој ден – ама барем не се прави паметен за тоа кај што не е.

Па и тој Тевдовски, министер финансиски, интелигентен, ама професорски подзбунет и не до крај артикулиран за комуникација со народ, мислам дека нема зла намера дури ни кога повикува новинарите да не се мешаат во својата работа, односно да поставуваат прашања за области и проблеми што не ги разбираат. Да беа новинарите експерти какви што се министрите, јавноста одамна ќе беше заспана, ако не и умрена од здодевност!

Сѐ на сѐ, кој контраст од пред година-две!

Ја памтите ли ароганцијата на Зоран Ставревски или презирот на Гордана Јанкуловска кон новинарите и, воопшто, кон јавноста, како да се навредени од самата можност некој да им постави прашање во кое ќе има и правлива трага од критика? Секоја размена со новинарите комотно можеа да ја почнат со реченицата: „Многу сте глупави, значи, ама еве да ви одговорам…“

Или Мијалков, со онаа поткрената веѓа – со тој тик ли е роден човекот? – и со мантил наметнат врз рамења, кој со самата своја појава, мешавина меѓу дотерано денди а ла франка, градски џиљкош и лик од времето на прохибицијата, требаше да предизвика грчеви во стомакот кај секој што имал намера да му се приближи?

До Грујо, пак, не можеше ни да се пријде, ако не си дел од внимателно испланираното сценарио за градењето на неговиот провинциски култ на личноста – околу него денеска само му останаа истите оние полицајци и тетовирани насилници (борачи ли се, пеливани ли се некакви?) кои со години го штитеа од можноста не Саше Политико, туку никој да не може да му се приближи за да го праша некое здраворазумско прашање за очајните состојби во земјата во која медот течеше низ олуци, а млекото низ потоци.

Сакам да кажам, да не се грижат разни луѓе дека многу се критикува новава влада. Не се плашете, не се од шеќер, нема да се стопат. Ако не ги отепаме од критики, само ќе ги направиме посилни. Тоа не може да е лошо за државава. А и за демократијата, патем.

Сашо Ордановски

СПОДЕЛИ

НАПИШИ КОМЕНТАР