ОРДАНОВСКИ: Заев има слабости и маани, но резултатите и успесите му се побројни, затоа пак ќе победи!

0
1787

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

На вчерашното прашање на ВМРО-ДПМНЕ „во кое својство бил Заев на средбата со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул?“, одговорот би можел да е релативно едноставен: бил во својство на политичар кој решава проблеми.

Концептот на политичари кои решаваат, наместо само да создаваат проблеми, не е многу популарен во балканската, а и македонската политика. Напротив, овдека тој фрустрирачки модел на нерешавање проблеми дури оригинално и се унапреди: прво се создаваат проблеми, кои потоа, оние кои ги создале, од процесот на нивното неуспешно решавање градат сопствени кариери, и тоа го прогласуваат како голем политички успех! На пример, во меѓуетничките односи, такви политичари кои постојано измислуваат, за потоа „херојски“ половично да ги решаваат проблемите, има со лопати да ги ринете.

Со „појавата“ на Заев, политичкиот естаблишмент во државата, особено оние од некогашната власт, а денешната опозиција – но, и не само тие – прво, во неверување, се вчудовидуваа, а потоа останаа комплетно одземени, шокирани! Како некаква струмичка мамба да ги апнала! Како е можно толку проблеми да се решат, за така релативно кратко време – се прашуваа унезверени улежаните политички елити, очајни во сопствената заглавена историска перспектива?!

Дури, не е претерано да се каже дека заради персоналниот, негативен однос кон него, неговите опоненти, како хипнотизирани, направија низа погрешни политички проценки од чии последици сè уште не можат да се еманципираат. Слично како што, на времето, од многумина беше потценет Груевски, додека не стана предоцна.

Но, речиси уште поголемо беше изненадувањето од Заев, тоа можам и нешто лично да посведочам, кај разни меѓународни инстанци кои се занимаваат со Македонија. Западните политичари и дипломати имаат необична слабост, па дури и еден вид на своевиден респект – зборот „своевиден“, инаку, не значи ништо, ама добро звучи – кон автократи. Бидејќи доаѓаат од земји каде „цврстата рака“ и „тоталната контрола“ е одамна заборавен метод на владеење, западњациве, со слична возбуда како кога одите во зоолошка да го видите кафезот со бели тигри, ем му се плашат, ем му ја респектираат моќта на оној кој на Балканот знае да испорача стабилност и ред, без да реши ниту еден суштински проблем. Тоа е долга традиција, султанска; но, во поново време, од Милошевиќ, до Груевски и Вучиќ, на пример.

Кај нас, со години ја поддржуваа „демократската автократија“, а и издашно ја финансираа. Така ја одржуваа стабилноста на „замрзнатите“ конфликти, со мрзеливото оправдување дека „без националистичката десница, нема решение за ниту еден сериозен балкански проблем“. Ма, немој!

А потоа им се појави Заев – многу несовршен и по малку провинцијален, но вознемирувачки директен и енергичен – и им ја „измести“ логиката на сите, пред да сконтаат дали е тој само итар или е самоубиствено политички храбар. Им се случи мало балканско политичко цунами. Сите, заедно, со неверување гледаа како овој, со беспримерни политички „кристијании“ и со гимнастичарски салта-морталиња во морално-политичките стандарди, прагматично адресира еден по еден проблем – и испорачува решенија!

На Балканот да испорачаш решение – е, тоа е чудо невидено!

Со тоа се воспостави нов регионален политички стандард: и незамисливите компромиси стануваат можни, доколку политичарите се упорни, а и доволно вешти – што и да се подразбере дека е содржината и опсегот на таа вештина – да се посветат на решавање на одреден проблем, со прифаќање на ризикот од последиците на решенијата.

Меѓу своите балкански колеги, Заев не е многу омилен политичар. Ја подигна „политичката летвичка“ на повисоко ниво. И оние кои го гушкаат, како и оние кои му се потсмеваат, го чувствуваат тој негов „општ притисок“ врз плеќи.

Би било погрешно – се надевам – ваквиот третман на Заев да се сфати како приземна политичка апологија. Има безброј причини заради кои Заев може да се исмева, да не се сака, со многу аргументи да се критикува… Лично, почесто ме нервира, одошто ме воодушевува. Има во него и доза на еден неподнослив „левитирачки“ популизам од онаа фолклорна, „народњачка“ насока, што се коси со разбирањето на пристојната, либерална, политичка гравитација.

Но, резултатите му се поубедливи од личните недостатоци. Тоа е.

Затоа, не поставувајте глупави прашања од типот „што бара Заев во Стамбол?“… Веројатно бара некаков начин да „затвори“ уште некое отворено прашање за Македонија, околу коешто се изгубени десетлетија успешни политички кариери во неговото нерешавање.