Општина Центар до Сител: Прашајте каде се роднините од раководството на ВМРО-ДПМНЕ

0
173

Ја пренесуваме во целост реакцијата на Општина Центар на, како што велат оттаму, шпекулативнот прилог од вчерашниот дневник на ТВ Сител.

Opshtina_Centar_Foto

„По вчерашниот прилог на ТВ Сител со шпекулативен наслов „Нов скандал со Жерновски: партиски вработил 20 лица во Општина Центар кои работеле во други општини“, Општина Центар комплетно реагира и ги демантира објавените невистини. Дека веста е исклучително тенденциозна покажуваат следниве аргументи кои што новинарите на Сител не ги земале предвид.

Доколку новинарите на Сител беа професионалци, како што не се, по информацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе побараа изјава од Општина Центар во однос на преземните вработени во Општина Центар од други институции.

Исто така, доколку беа професионалци, а не се, најпрво ќе направеа прилог за преземањата на вработени лица од Општина Центар во Град Скопје, каде се префрлија позвучни имиња, со уште попознати роднини од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, и ќе пишуваа за нивната вмешаност во скандалите, обелоденети во„бомбите“, за земјиштето на Водно, Скопје 2014 и слично, како на пример Александар Јанакиески, поранешен раководител на Сектор за урбанизам во Општина Центар, братучед на Миле Јанакиески, Воденка Протуѓер, исто така вработена во Секторот за урбанизам, тетка на Мартин Протуѓер, Димитар Ристевски, попознат како Диме Споменик (може да се претпостави зошто го добил тој прекар), преземен во Град Скопје, потоа Ненад Крстевски, кој работел во Секторот за јавни набавки, сега е член на Управниот одбор на МЕПСО, Костадин Дуковски, брат на авторот на скулптурите лавови на мостот „Гоце Делчев“, порано обезбедување на Габриела Коневска, во Општина Центар бил помошник раководител на Сектор за инспекциски работи, сега работи на некој од приватните факултети и др.

Овие лица, кои беа дел од раководниот кадар на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, веднаш по завршувањето на изборите, беа повлечени пред сѐ во Град Скопје и во други институции под контрола на централна и локална власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Во таква ситуација на кадровски вакуум, во согласност со Законот за државни службеници, а по претходно добиена согласност од Министерството за информатичко општество, беше преземен кадар од потребниот профил кој недостасуваше во општината.

Инаку, во Општина Центар се уште работат лица кои се членови на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството од нив вработени во времето на Аларова и Тодоровиќ, роднини на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, поранешни и актуелни функционери на ДПМНЕ, така што очекуваме утре да објавите прилог со истиот наслов „Нов скандал со Коце Трајановски“ за партизацијата која ја прави Коце Трајановски во Град Скопје и роднинските врски на вмровските функционери и вработените во овие две институции, но и во сите останати во државата.

Во однос на оспореното професионално работење на раководството и администрацијата само ќе кажеме дека Општина Центар деновиве беше ресертифицирана за меѓународниот стандард за управување со квалитет ИСО 9001:2009.
Сертификатот е признание дека Општина Центар, со ова раководство и администрација, работи по најдобрите светски стандарди и ги применува најдобрите светски практики во давањето на услуги кон своите граѓани.“