Општина Прилеп: Субвенционирана вода за околу 500 семејства од социјално ранливите категории

0
106

Со одлука на општинскиот Совет, на близу 500 семејства од социјално ранливите категории, Општина Прилеп месечно ќе им ги субвенционира трошоците за 5 метри кубни вода, за што од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 1.5 милиони денари.

„Советот на општина Прилеп донесе Одлука за субвенционирање на месечни трошоци за вода на социјално ранливи категории на граѓани за 2019 година. Целна група се социјално ранливи категории кои се евидентирани во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Прилеп, како корисници на постојана парична помош. Ќе се субвенционираат 5 метри кубни потрошена вода во текот на еден месец, а листата на корисници секој месец од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи ќе ја презема Општина Прилеп, ќе ја доставува до ЈКП „Водовод и канализација“ кое на овие домаќинства ќе им ја намали месечната обврска на цената на чинење на вода за 5 метри кубни вода. Спрема сегашните процени, се работи за околу 500 домаќинства кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, а за таа намена се предвидени 1,5 милиони денари од буџетот на Општина Прилеп“, изјави Миле Талевски, претседател на општинскиот Совет.

Истовремено, на денешната седница од плаќање партиципација за престој во градинка беа ослободени родителите на ромски деца на возраст од 3 до 6 години, беа усвоени Годишните извештаи за спроведување на Програмата за управување со отпад во општина Прилеп, како и Годишниот извештај за реализирани активности на ЈОУ Детски градинки „Наша иднина“ за 2018 година. Советниците ги усвоија и финансиските планови за 2019 година на основните училишта од општина Прилеп, меѓу кои и на музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“.

Она што исто така треба да се истакне, е Одлуката за исплата на 3 милиони денари од општинскиот буџет на сметката на ФК „Победа“, односно 1 милион денари на РК „Прилеп“.

Покрај тоа, на денешната 24 седница на Советот на општина Прилеп, беше усвоена Одлука со која Пречистителната станица му беше доделена на управување и стопанисување на ЈКП „Водовод и канализација“.