Општина Прилеп и градоначалникот не штеделе на јадење, пиење и рекламирање

0
758

Спецификацијата за долговите и побарувањата кои Општина Прилеп ги имала кон разни добавувачи од земјата за периодот 01.01.2015 – 31.12.2015 година, покажува дека кога се во прашање угостителските услуги и рекламирањето, локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески биле прилично дарежливи, пишува „Револуционер.мк“.

Општина Прилеп не штедела на трошење пари за јадење и пиење во ресторани, хотели, пицерии, кафетерии…

Рестораните „Алтан“, „Македонска куќа“, „Рустика“, „Боеми ТП Евро кај Влатче“, „Дел Посто“, „Кермес“, „Лидер“, „Лаки“, „Панорама“, „Кај Џино“ во еден или повеќе наврати биле посетени од официјални лица на прилепската локална самоуправа.

Парите на граѓаните на Општина Прилеп се трошеле и во хотелите „Салида“ и „Сонце ГА“, пицериите „Дибосо“, „Ла Страда“, „Леоне“, кафетериите „Кавали“ и „Поп Арт“.

Меѓутоа не само што буџетски пари се трошеле низ прилепските угостителски објекти, туку истото се правело и во објекти со идентична дејност од други градови во државата, како што се хотелите „Амбасадор“, „Континентал“ и „Фени“, па дури и во ресторанот „Крал Џо“ во Росоман.

Огромни пари собрани од даночните обврзници прилепската локална самоуправа потрошила на локални и национални медиуми, а пари добивале и разни продукции.

Така на пример, 1.095.859,00 денари ѝ биле префрлени на „Вижн БМ ДООЕЛ Канал Визија“, 797.600,00 денари на „Зенит Прес Зум“ ДОО, 767.954,00 добил „Вечер-Прес“ ДООЕЛ, 417.368,00 „Радио Холидеј“, а колачот го пробале и „Врв ДООЕЛ НИП“, „Медија Принт МПМ Македонија“, „Канал 5 Телевизија“, „Лажани ТВ“, „РТВ Орбис“, „Радио 106“, „Радио 5 Чоки“, „Радио МЕФФ“ и порталот „Маркукуле“.

Буџетски пари користеле и продукциите „Авалон“, „Коха“, „План Б“, „Плус“, „Парамециум“ ДООЕЛ, „Премиер“ ДООЕЛ и „Фан Продукција“.

Конечно, иако не спаѓаат во гореспоменатите категории, вредно е да се спомене дека и во изминатата 2015 година од буџетот на Општина Прилеп најмногу се офајдиле омилените бизнис партнери на локалната самоуправа „Пела Транс“ со 17.232.731,00 денари и „Електро Точила Инженеринг“ ДООЕЛ со 14.298.388,00 денари.

Посочените информации можат да послужат како шлагворт за една поширока дебата на тема: Како Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески ги трошат парите на граѓаните?

Извор: Револуционер.мк