Опозицијата ја напушти седницата на Собранието, нема да гласаат за предизборно вдомување на партиски војници

0
257

Откако не помина предлогот на опозицијата за симнување на точките од дневниот ред кои се однесуваат за именување на функционери, нејзините пратеници ја напуштија салата и рекоа дека нема да гласаат за предизборно вдомување на партиски војници.

-ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да продолжи да вдомува партиски војници пред изборите. Сите тие сами да си ги гласате. Соберете 62 гласа и гласајте. Од нас поддршка нема да добиете, рече Горан Сугарески, координатор на СДСМ.

Тој рече и дека ВМРО-ДПМНЕ со тоа што го условила распуштањето на Собранието со донесување на Буџетот, всушност покажала дека бега од избори.

Сакате да избегате од избори. Предлогот на опозицијата е јасен, без никакви условувања. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го лажат народот дека со недонесување на буџетот нема да има пензии, плати и друго, рече Сугарески.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека СДСМ се тие што веќе две години бегаат од избори со разни оправдувања.