Опозицио, УРА?!

0
1135

Пелин во устата по заминувањето на еврокомесарот Јоханес Хан. Тој дојде и замина, ние останавме. Дојде да му даде поддршка на Груевски и на десничарската ВМРО ДПМНЕ и да ни каже дека си правиме бајрам на умот, а на опозицијата и на СЈО дека премногу се чаталат.

Токму тоа ни го кажа преведено на наш јазик. Нека не зборуваат за дипломатски речник, бидејќи тој одамна е минато за овие простори. Директно, меѓу рогови, кажано со наш балкански жаргон. Нема време за барањата на СЈО и има видливи подобрувања во медиумите. И точка!

Побара професионално однесување од обвинителството, партиите да не го злоупотребуваат и се сретна со првоосомничениот Никола Груевски. Во Забранетиот дворец седеа лежерно и со скрстени нозе, еден спроти друг и откако беше добро избрифиран, Хан, како на трње, одржа прес конференција и не дозволи новинарски прашања. Само две. Резил, или брзал. Велат-брзал.

Е па така ни треба! А го следиме во чекор, сега со овој, па со оној, а тој само со КОЈ? Па, со ТОЈ! Папата од Забранетиот (бел) дворец.

Груевски конечно може да ја преземе почесната и престижна функција во сенка – ПАПА. Капо ди тути-ПАПА!

Претходно, парламентарците, значи политички претставници во Совет на Европа го избраа Јован Илиевски, да, баџанакот на Сашо Мијалков, за судија во Судот за човекови права во Стразбур.

Со кандидирањето на Уставниот судија Наташа Габер – Дамјановска, среде процедура и нејзиниот ,,пораз “ од Иливски, ВМРО ДПМНЕ уште еднаш ни покажа чие пиле пее наутро.

Европа во ниту еден момент не побара Груевски и неговите блиски соработници да се повлечат од политиката или од учество на изборите. Видовме колку е таа ,,дипломатски “ настроена кога некого не поддржува, како на пример во Украина. Да не ја спомнувам Србија во времето на Милошевиќ.

И сега, во една ваква ситуација, опозицијата вели дека не е како нив. Продава политички манири пред политички насилници. Со сиот влог што го даде за лупење на наводната чесност на груевци, ризикува да биде згазена од истиот арсенал оружје на режимот, пропагандата, сваровски судството, поткупот на гласачи и војската послушници во државниот апарат.

Наместо да напаѓаат, се бранат. Наместо да градат офанзива, тие подготвуваат дефанзива.

Како поинаку да се сфати нивната отстапка од двојазичната партиска табла во општина Чаир. Кому му се правдате? На тој што молчешкум му дозволува на Ахмети што сака да прави и сите не прават мутави?

Еве како би реагирала пропагандната машинерија на ВМРО, а богами и јас. На нападот дека СДСМ на дело ја спроведува двојазичноста, би ја повикала владата веднаш да реагира согласно законите и ако е спротивно, да ја отстрани. Но, истовремено тоа да го направи и со двојазичните табли на училиштата во истата општина, кои патем се под капата на Министерство за образование и локалната самоуправа. Државни институции. Двојазичните табли се поставени пред 5-6 години. Би побарала, ако е противзаконски, да реагира за еднојазичните натписи, само на албански, во Тетово, Сарај, Арачиново, Струга, во Скопје…

А не сами да ги тргнете и уште со една реченица да се правдате дека двојазичната табла е поставена без одлука на органите на партијата.

Груевски ја спроведува еднојазичноста, и тоа на македонски каде живеат македонци и само на албански каде што живеат албанци, а СДСМ се правда за двојазичноста. Груевски направи држава во држава, СДСМ се правда затоа што сака една држава за сите граѓани.

Затоа, кога сте во опозиција, и притоа имате ваква организирана мафија спроти себе, комбинирано со политичка диктатура, не е доволно да викате само УРА, туку и да викате и да тргнете во ЈУРИШ!

Пишува : Емилија Лазаревска

Извор : Актуелно.Мк