Од безбедносни причини откажано бдеењето пред Уставниот суд

0
209

Граѓанската платформа „Ајде“ вечерва од безбедносни причини го откажа бдеењето пред Уставниот суд, по дојава дека владејачката партија со автобуси од целата земја носи луѓе за контрапротести.

– Сметаме дека од безбедносни причини, најдобро е да се прекине бдеењето. Имаме дојава дека многу автобуси се тргнати за Скопје во организација на ВМРО-ДПМНЕ и нема потреба да се доведуваме до таква ситуација. Секако ќе продолжиме со нашите активности, ќе видиме што ќе се случи на утрешната седница на Уставниот суд, но дотогаш претпоставувам дека бројот на контрадемонстранти пред судот ќе се зголемува, изјави за „Нова“ активистката Билјана Бејкова.

Таа рече дека и на социјалните мрежи се појавиле пораки со кои од штабовите на владејачката партија се повикуваат членовите со автобуси да тргнат кон Скопје.

Неколку илјади граѓани денеска околу 18 часот, под мотото „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд“, побараа на претседателот да не му се овозможи да помилува лица што се гонат или се обвинети за изборен криминал, педофилија и за трговија со дрога.

Демонстрантите го почнаа протестниот марш пред Владата, па марширајќи продолжија кон Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија и кон Собранието, а потоа се упатија кон седиштето на Уставниот суд. Сепак, поради контрапротестот организиран од партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски, полициски кордон ги сопре демонстрантите кај новиот Македонски народен театар.

Двата протести се одвиваа под зголемено полициско присуство, а регистрирани беа и борбени оклопни возила, како и два водени топа. Протестите се одвиваа во мирна атмосфера.

Уставниот суд утре во 9 часот ќе ја разгледува иницијативата за измена на Законот за помилување, но седницата ќе биде затворена за јавноста и ќе се одржи без присуство на новинари.