Одбрана и последни денови

0
207

Деновиве прочитав неколку извонредни анализи (Денко Малески, Гордан Георгиев, Арсим Зеколи, Катерина Блажевска, Алберт Муслиу итн.) за тоа кој е и што треба да се очекува од именувањето на германскиот дипломат-„тешкаш“ Јоханес Хајндел, како специјален германски претставник за решавање на македонскиот политички Гродиев јазол. Со оглед на тоа што ова ни е којзнае кој по ред специјален посредник за модерирање на нашите перпетуални политички кризи во изминатите 25 години, мора да се признае дека овдешната аналитичарска заедница веќе се извешти до највисоки нивоа за читање (и меѓу редови, се разбира) на дипломатските биографии, на разно-разните кариерни референци и на „заднинските“ податоци од животите на странските пратеници кои, во правилни временски интервали, бидуваат испратени овде да ни ја спасуваат демократијата и безбедноста, а и самите да си додадат уште некоја референца во своите професионални курикулуми. Македонските граѓани, воопшто, станаа експерти за детектирање на распоредот на точките и на запирките во официјалните соопштенија на меѓународните фактори, иако нема сомневање дека за психолошката состојба во која ни се наоѓа нацијата, наместо стотиците исчитани страници на ваквите коминикеа, ќе беше подобро да прочитавме барем пет-шест книги или нешто поезија, па макар и од овдешните лажни литерарни величини кои деновиве молчат како добро згоени рипчиња во културниот аквариум на власта.

Сепак, ако ми е дозволено, и јас би додал некој збор за тоа што се очекува од г. Хајндел. Прво, од неговата дипломатска биографија е јасно дека има забележително политичко и безбедносно портфолио зад себе, со доволно „американски“ и „балкански“ елементи во него, за да може компетентно да ги пресретне сите важни предизвици во македонската политичка и ментална реалност. Второ, очигледно е дека е тој на директна „врска“ со германскиот министер за надворешни работи, за да се „прерипнат“ бриселските коридори на влијанија, компликации, калкулации и, да, заебанции. Низ тие бриселски ЕУ-лавиринти овдешната конзервативна десница, помогната и од милионите евра наши украдени пари, успешно кормилараше во изминатите години за да се развлечат, ублажат, одложат и разнебитат критиките и иницијативите што до сега стигнуваа и не се спроведуваа во врска со Македонија.

Целата колумна ОВДЕ