ОВАА КОЛУМНА ОДЕКНА КАКО БОМБА, ПОДДРШКА ЗА ЗАЕВ СТИГНА ОД ЛИДЕРОТ НА ЗНМ, НАСЕР СЕЛМАНИ: Рано е да се откажеме од Заев, Милчин и Геро да не млатат празна слама и да не шират хистерија, и одмагаат на Македонија во клучен момент!

0
570

Пишува, Насер Селмани

Премиерот Зоран Заев го запознав сосема случајно на еден брифинг во пратеничката група на СДСМ во Собранието пред одржување на локалните избори во 2004 година. Во тоа време Заев беше млад пратеник од Струмица, малку познат во јавноста, освен што меѓу колегите се знаеше дека е дипломиран економист и дека неговата фамилија има неколку фирми што добро работат. На тие избори неколку пратеници, по нивна волја или по налог на СДСМ, требаше да се кандидираат за градоначаници. Дилемата што се покрена во јавноста беше дали во моментот кога партиите ќе ги поднесат кандидатските листи во Државна изборна комисија, пратениците треба да поднесат оставка од пратеничката функција поради конфликт на интереси.

И, секако, ставот на СДСМ и на најголем дел од нејзините пратеници претенденти за градоначалници беше дека не мораат да поднесат оставка. Само еден пратеник од СДСМ отскокнуваше од овој став. Е, тоа беше Зоран Заев, кој тогаш требаше да биде кандидат за градоначалник на Струмица. Иако случајно се најде тука, кажа нешто што мене многу ми остави впечаток како новинар, но од друга страна ептен го иритираше тогашниот координатор на пратеничката група на СДСМ. Но што кажа Заев? Рече дека сакал да даде оставка од пратеничка функција во Собрание, но дека раководството не се согласило со тоа. И, не заврши тука, туку продолжи. Ако јас изгубам во Струмица, нема да бидам повеќе ни пратеник. Ако струмичани не ми веруваат мене, тогаш кого претставувам јас во Собрание! Многу точно, храбро и нетипично за еден политичар од СДСМ од тоа време.

Вториот момент битен да се разбере политичарот Заев е неговото апсење во 2008 година и обидот за негова политичка егзекуција од страна на тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски. Зошто овој настан е битен за мене? Затоа што Заев тогаш покажа карактер и одби да се спогоди со режимот, дури и по цена да заврши во затвор. Началниците реагираа брзо и координирано кога видоа дека не можат да го скршат со заканата со затворска казна, па го амнестираа со цел да ја запечатат неговата политичка кариера уште на почеток. Знаеја дека ако Заев биде осуден и заврши во затвор, без разлика на обвиненијата што му ги ставаа на товар, во очите на македонската јавност, како успешен градоначалник на Струмица, ќе беше жртва на режимот и херој за граѓаните. Прашање на ден ќе беше неговото триумфално враќање во политиката и со тоа Груевски и Црвенковски ќе заминаа во историја. Сетете се на зборовите на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, демек одлуката да го амнестира Заев му била една од најтешките. Со тоа Црвенковски практично го прогласи за виновен за делата што му се ставаа на товар. Подоцна се покажа дека начинот како Заев го градеше трговскиот центар била пракса на сите функционери на ДПМНЕ.

Политичкиот профил на Заев како политичар најдобро дојде до израз за време на долгиот процес за рушење на режимот на Груевски. Покажа одлучност, храброст и тактичност. Јас немам никаква дилема дека без Заев, беше речиси неможно да се руши Груевски. Неговата улога е незаменлива во ослободување на Македонија од еден авторитарен режим, кој беше подготвен да прокоцка сѐ, само да се спасат експонентите на режимот и да ги сочуваат украдените пари од државата во текот на нивното единаесетгодишно владеење. Отворањето на СДСМ кон гласачите Албанци е четвртиот момент, кој е важен за да се сфати политичкиот профил на Зоран Заев. Да не беше ова отвореност на опозицијата кон овие гласачи, режимот на Груевски убедливо ќе победеше на изборите во 2016 година, а иднината на Македонија ќе беше многу неизвесна.

Сите овие моменти ги спомнав со цел да кажам дека јас како граѓанин сѐ уште му верувам на Зоран Заев. Може да бидам незадоволен од учинок на неговата владата за овие девет месеци од владеењето, но секако можам да го разберам. Очигледно нашите очекувања беа преголеми или нереални во актуелниот политички момент. Го разбирам Заев затоа што не сум сосема сигурен дека кој било друг на негово место, во вакви околности, би испорачал повеќе. И, секако, јас нема да се откажам така лесно од Заев, затоа што македонската јавност има вложено многу енергија за неговото кревање како политичар. Несериозно и незрело е една политичка фигура, на која сме се колнеле три години, да се откажеме само по 9 месеци од неговото владеење.

Нема да кревам хистерија против Заев, исто така оти не сакам да бидам дел од играта на државниот естаблишмент, кој повеќе од 15 години се обидува да елиминира една политичка фигура, која е поинаков од досегашните политичари. Не се откажувам оти уште верувам дека со граѓанска поддршка и помош на нашите пријатели во светот, можеме да направиме дисконтинуитет со политичкиот естаблишмент во Македонија, кој длабоко во себе е недемократски. Тој досега покажа дека единствено се грижи за друштвото, отколку за интересите на обичниот македонскиот граѓанин. Убеден сум дека етничката и верската омраза и нетрпение во Македонија се создава токму од овој естаблишмент, кој злоупотребувајќи ги чувствата на граѓаните, владее по принципот подели па владеј. Поделена, скарана и слаба Македонија, никогаш нема да стане дел од слободната, демократска и обединета Европа. Во суштина, тоа е крајната цел на естаблишментот кој сега се нафрла на Заев, со цел Македонија да не го фати последниот чекор во интеграцијата и да останеме во маргините на процесите како црна дупка во Балканот, во прегратка на началничките режими во Србија. Естаблишментот не се возбудува затоа што Заев не успева да ги исполни ветувањата, напротив, се плаши дека тоа во догледно време може да е реално остварливо.

Линк до целата колумна во Независен Весник