Никола, ти се гади ли и од ова „Големо уво“?

0
176

Слушајќи ја денешната прес-конференција на Заев и снимките од снимени разговори особено меѓу Јанкуловска и Ставревски (без нивно знаење) се вратив години наназад во деновите на Големото уво на покојната Доста. Да да, особено тоа прислушкување на сопартијци и најблиски соработници ме потсети токму на тоа, колку тогашниот министер за финансии Груевски беше бесен што и тој бил цел на Големото уво на владата во која и тој беше.

aco-kabranov

Се сеќавам убаво, ден или два, откако Црвенковски ги објави транскриптите од прислушкувањето,јас како главен уредник на А1 бев по други информации кај Груевски во неговиот кабинет. Ќе злоупотребам можеби, но чувствувам потреба да ви раскажам колку тогаш тој беше вознемирен и гневен, со право се разбира, што ете, како што ми рече: „гледаш ли Доста што правела“.
Ми кажа дека бил кај тогашниот премиер Георгиевски да му каже дека е вџашен и многу лут. Знам дека му реков дека е апсолутно во право да биде бесен и му климав со главата кога велеше „Ми се гади“.

Се сеќавате Груевски отиде и кај истражниот да даде изјава, во која чинам, ја потврди веродостојноста на снимениот разговор со неговиот, чинам братучед, Влатко Мијалков од царина. На содржината не се сеќавам, се работеше, чинам за некаков шлепер со виски, но тоа сега и не е важно. Груевски тогаш целосно беше во право да биде лут, бесен и разочаран, што ете е прислушкуван од неговите.

Доста со право оттогаш му беше на Груевски повеќе од антипатична, така јас мислам, а и таа така мислеше. Дека Груевски, и пред се Мијалкови, не можат да ја смислат. Но ајде да ја оставиме мојата СИСТЕР да почива во мир.

Е сега после ова денеска чекајќи дали институциите ќе реагираат и како, би сакал, но одамна не сме блиски, да го видам премиерот токму сега и директно да го прашам, впрочем како што и била нашата релација. Само да го прашам: „Премиере, ти се гади ли сега, гневен ли си и кому сега се лутиш“.

Извор: Либертас