НИКОЛА И НИКОС НАСПРОТИ МИЦОТАКИС И МИЦКО(в)ТАКИС

0
580

Се викам Македонка и да се разбереме не сум многу среќна за договорот со Р. Грција во кој мојата земја Република Македонија, добива географска одредница но среќна сум поради фактот дека се стави крај на лудилото на бизарниот спор, кој на моите генерации им ја одзеде младоста. Среќна и поради конечното исчекорување од бункер позициите на двете држави, кон вистинските Европски вредности. Се назира ли надеж и балканот конечно да заживее европски?! Верувам дека да.

Но СЕГА се доведува во прашање постоењето на фабриките кои го продаваа најевтиниот (по парче на чинење) производ; ултра-национализмот, кој создаваше зависност па на крај најскапо ги чинеше консументите по глава на купувач.

Од ден на ден се помалку ќе бидат купувачите кои истиот ќе го купат а нивните фабрики откако ќе нема што да продаваат (а во отсуство на било каков друг квалитетен производ), ќе бидат приморани да се затворат а со тоа некој ќе мора да банкротира. А купувачите? Тие дури сеуште ги држи последната купена доза ќе дивеат, потоа ќе ги фати страшна паника.. Едноставно ќе нема од каде да ја набават  својата доза па одвикнувањето ќе биде малку болно но истовремено здраво за нивниот сопствен организм и нашите колективни организми.

Оттука и оркестрираното завивање на МИЦКО(в)ТАКИСИТЕ и во двете држави, зашто НИВНИТЕ ПРОИЗВОДИ едни без други не би се продавале. Во територијата на северниот сосед на Р.Грција постои толку редок ’’минерал’’ без кој грчкиот НАЦИОНАЛТАКИС  не би бил толку силен а во територијата на  јужниот сосед на Р. Македонија, се наоѓа ретка состојка која е неопходна на производот да му ја даде опојната арома. Ете затоа толку  хистерија, толку паника, толку зла крв  и во двете држави!

Да не се навраќаме назад кој прв го почна оваа лудило. Желбите се едно но фактите сосема друго. Сонувачите на

розови соништа особено на балканот сеуште сонуваат за голема Македонија,  Албанија,  Србија, Грција,  Бугарија, историите ни се толку преплетени а балканската територијата ограничена. Едноставно толку е колку што е! За секој од нас да биде ’’голем’’ треба ‘’некој’’  сосема да го снема а никој не планира да изчезне туку напротив сите сакаме и треба да опстоиме.

И најважно од се да не го игнорираме соседот без разлика на тоа дали го сакаме или не, сакањето е индивидуално но почитта мора да биде колективна!  

Во последните три децении во бизарниот спор се вложија многу нерви, многу време, пари и многу непотребна енергија..  Замислете таа акумулирана енергија да се потрошеше во иновации на пример!? Вероватно ќе се создадеше некој нов Тесла. Замислете Р. Македонија и Р. Грција сите тие пари да ги вложеа во деца со посебни потреби и болни деца? Ќе немаше несреќни родители ќе немаше детски солзи! Во што и да се вложеше сета таа огромна енергија ќе создадеше цвеќе ама се создадоа трње.

Ако ЈАГЛЕН и ЧЕЛИК беа клучните два производи кои меѓу другото ја обединија Европа, ЗАВИСТ и ЛУДИЛО беа  клучните две состојки кои ги разединија двете соседни држави Р. Грција и Р. Македонија(кои сакале или не и геогравски и историски се поврзани).

Национал-шовинисти, националисти, ултра-националисти и сите останати исти, вашето заврши.  Да се преговара на една ваква толку сензитивна тема апсолутно не е лесно и респект до преговарачите, издржаа макотрпен маратонски процес! Кој не седнал да договара било што не знае како е. Никој не вели дека овој договор е многу добар за Република Македонија но во таква околности се постигна максимум. Никој од нас не би се согласил на никаква промена на име ако не морал но притоа да не заборавиме дека; ние преговаравме за промена на името на државата цели 25 години а штом сме седнале на преговарачка маса значи по

автоматизам сме се согласиле за некаква промена и точка.  Никој, никогаш, во преговорите не добил се! Такви нешта се случувале само со војна а ние зборуваме за мирни преговори, нели. Времето ќе покаже кој добоил поваќе а кој помалку но во едно сум сигурна и двете страни добија вистинска Европска иднина, двете страни преку своите преговарачи добија мир, добија спокој, просперитет и иднина!

Никола и Никос респект, одржавте лекција по демократија!

Никола и Никос кога длабоко во ноќта ќе останете сами слушајќи ги дивеењата на консументите на НАЦИОНАЛ-МИЦКОвТАКИС-от и на момент ќе се замислите дали можевте да одиграте поинаку, сетете се дека производот набрзо исчезнува.

Заев и Ципрас и вие исто така, дозата од НАЦИОНАЛ-МИЦКОвТАКИС-от, се уште е силна, ќе има уште дивеење, следува период на одвикнување од завист. Не е лесно и нема да е лесно но олеснува сознанието дека следува деконтаминација на колективните државни организми.

Признавам, нема да ми биде лесно од утре да изговорам дека доаѓам од; Република Северна Македонија но  барем ќе можам секогаш и секаде да кажам дека сум Македонка во секоја смисла. Нема поваќе да стои онаа грдо FYRM и да не прогонува.  Белким нема пак да доживеам цариникот на грчката граница сто пати да ми се загледува во пасошот и во името и пак во мене чудејки се па повторно во името (зборувајки нервозно нешто налик на пцовка). Ние сме реалност а реалнста веќе од сите па и од соседот е прифатена! Исто така се надевам дека нема да ни се случи онаа народната; ’’Не им верувајте на данајците и кога дарови носат’’  иако во случајот дарови нема ама барем добра воља има.

Гордиевиот јазол се денеска се пресекува!

Сакам да верувам дека сите ние и од двете страни на границата; се што сме изгубиле е привремено и само земно а се што ќе добиеме е вечно и безвременско.

Mакедонка Коцева