„Ние Одлучуваме“: Граѓните имаат проблем со избирачките списоци

0
154

„Голем број граѓани се пожалија дека имаат проблем со Државната изборна комисија при докажување дека ги нема во Избирачкиот список, дека им се изменети некои лични податоци или пак дека некој друг се води дека живее на нивната домашна адреса“, објаснуваат од граѓанската иницијатива „Ние одлучуваме“.

„Од денот на ставањето на избирачкиот список на јавен увид, граѓаните активно се јавуваат да укажат на проблеми со избирачкиот список на СОС-линијата за пријавување изборни нерегуларности (0800 88 888) овозможена од граѓанската акција „Ние одлучуваме“, информираат од граѓанската иницијатива.

Сибел Амет која е задолжена за обврските од СОС-телефонската линија објасни дека Државната изборна комисија (ДИК) ги препраќа граѓаните кои пријавуваат непостоечки гласачи на нивните адреси до Министерството за внатрешно работи (МВР). Во МВР од граѓаните се бара да поднесат своерачно потпишано барање за промена во евиденција на лични податоци и да приложат докази, како купопродажен договор или имотен лист од кои ќе биде утврден сопственикот на имотот кој се води на адресата каде се појавуваат лица кои немаат избирачко право или немаат живеалиште на адресата

Од таму велат дека ваквата постапка паѓа на товар на граѓанинот кој пријавил нерегуларност во Избирачкиот список, дополнително да обезбедува докази за нерегуларност.

Според законот, вели Амет, во став 2 од членот 50 на Изборниот законик, барањата за запишување, бришење или дополнување на списокот се доставуваат писмено до ДИК.

„Со оглед на тоа дека ДИК има пристап до базите на податоци на државните органи и во согласност со правилникот за методологија за вршење промени на податоци во избирачкиот список, комисијата недвосмислено е надлежна за барањата за ажурирање на списокот на избирачи.

Од граѓанската иницијатива  „Ние одлучуваме“ апелираат до ДИК да го ажурира списокот до предвидениот рок за негово заклучување бидејќи оваа ситуација влијае на довербата на граѓаните во институциите кои се задолжени да овозможат фер и демократски избори.