Немаме политичка туку државна криза

0
519

На почетокот да објаснам зошто имаме државна криза а не само политичка криза. Имено, државна криза имаме затоа што државните институции не се во можност да функционираат и ја вршат својата функција согласно Уставот и законите поради нивната узурпација од страна на врвот на ДПМНЕ.

mItko-Jovanov-slika-za-kolumni1

Политичка криза имаме кога државните институции функционираат согласно уставот и законите но не може да формира мнозинство во најмала рака стабилно мнозинство во Собранието за да се формира Влада во тој случај постои политичка криза која се решава преку компромиси меѓу потенцијалните коалициски партнери или со нови избори.

Начинот на кој Груевски ја изгради автократската власт во изминатите девет години не е уникатен пример, тоа е практика во многу диктатури и автократии ширум светот. Режимот на Груевски како да е пресликан од режимот на Саакашвили, секако надграден и проширен. Лидерот на СДСМ и опозицијата, Зоран Заев, ја разоткри архивата со снимените разговори од МВР додека Груевски сè уште е премиер, со сите полуги на власта спрегнати да манипулира, корумпира и да репресира. Додека, пак, во Грузија, дури по уривањето на режимот на Саакашвили во 2012 година, новите власти ја пронашле архивата од компромитирачки материјали што со години ги собирала тајната полиција преку прислушување и следење, со кои ги уценувала опозициските политичари, новинарите, интелектуалците, бизнисмените, а не биле поштедени и државните функционери што биле дел до режимот.

. За Саакашвили, кој владеел од 2003 до 2012 година, имам пишувано, но во оваа пригода вреди да се навратиме на неколку важни моменти за да ни биде појасно што ни се случува токму нас денеска. Имено, власта на Саакашвили ги апсела политичките противници за шпионажа во полза на странска земја, на што им претходело етикетирање преку медиумите како руски шпиони. Судските процеси имале третман на строга државна тајна, без можност независен субјект да присуствува во нивното одвивање. Шпио-манијата станала уникатен белег на режимот на Саакашвили. Секој од граѓаните бил потенцијален/сомнителен дека е шпион, иако режимот немал докази.

Сосема слично како што е случај денеска кај нас, режимот на Саaкашвили преку тајните служби бил присутен насекаде во општеството – вршел рекетирање, малтретирање, мачење затвореници… Во злогласниот затвор број 8, умирале затвореници поради тешки болести и насилство. Непосредно пред парламентарните избори закажани на први октомври 2012 година, се појавило во јавноста видео со докази за измачување затвореници, меѓу другото и со пикање стапови во анусот. Со објавувањето на видеото, почнале масовни демонстрации и започнал падот на режимот на Саакашвили.

Така се случило во Грузија пред околу две години, сега да се вратиме кај нас денеска. Имено, со двете прес-конференции, првата на 31 јануари годинава и втората минатата недела, Груевски само ги потврди тврдењата на Заев дека власта прислушувала. Сепак, Груевски верува дека ќе може граѓаните да ги изманипулира и корумпира за да се спаси себеси и своите соработници од злоупотребите што ги направиле во изминатите години.

Главната цел на Груевски е да не биде оставен сам бидејќи Заев кога го објави масовното прислушување, соопшти дека негови инспиратори и организатори се Груевски и неговиот братучед, директорот на УБК, Мијалков, со што како изминува времето тоа и се потврдува. Груевски е осамен бидејќи не може да ја сподели одговорноста со неговите партиски соработници освен со братучед му Мијалков. Токму Груевски е тој што сега ги уценува министрите и другите соработници во владата, во државната администрација, сопственици на медиуми, новинари, професори и другите поддржувачи, со материјалите што ги поседува за да му се приклучат во планот со кој наумил да се справува со скандалот. Да не го остават сам, тој им забранува на министрите да дадат оставка – сè под негова директна контрола, како со далечинско да ги управува.

Ако Груевски е невин, ако ништо не знаел за прислушувањето, тогаш тој ќе си поднесеше оставка, а со тоа и целата влада ќе беше во оставка и ќе се формираше експертска влада за да се создадат услови за политички и правно да се расветли скандалот објективно – потег што покрај за државата, ќе биде од полза и лично за Груевски, бидејќи така ќе може да ја увери јавноста во својата невиност за скандалот и дека бил жртва, како што изминатиот месец ни се претставува, тоа, пак, ќе му донесе политички кредибилитет на следните избори кога ќе се организираат.

Но, не е така.  Од однесувањето на Груевски досега можеме да  констатираме дека тој знаел за прислушувањето и го користел како инструмент за да владее. Тоа воопшто не зачудува, со оглед на тоа што неговата власт се базира на контролата врз своите соработници, политичките противници, медиумите, бизнисмените, интелектуалците… Контролата на неговите пратеници ја остварува преку потпишаните меници со кои тие му ја гарантираат лојалноста на Груевски со својот имот, врз медиумите преку корупцијата со државни пари, репресиите врз опозицијата и медиумите што не се под негова контрола, се познати инструменти со кои Груевски се одржува на власт.

Досега тоа лесно му поминуваше, затоа што имаше многу соучесници во таквиот начин на владеење – пратениците свесно ги потпишале мениците, медиумите свесно прифатиле за пари да бидат средство за пропаганда на Груевски, граѓаните што ги вработуваше во државната администрација, ги направи робови за да му служат да се одржува на власт. Планот или пуста надеж на Груевски е дека бројот на граѓаните што ќе му ја прифатат или, пак, премолчено ќе му ја одобрат приказната што ја раскажа на прес-конференцијата, за да може да се задржи на власт со засилување на злоупотребата на државните ресурси за корупција и репресија, за после одредено време планот да заврши со организирање предвремени избори. Ваквите илузии му се претвораат во жив песок и со секој потег секој ден, сè повеќе заглибува.

На крај, за еден своевиден парадокс во некои држави во кои има реална доживотна казна. Имено, кога некое лице ќе изврши неколку тешки кривични дела и судот ќе му пресуди две, три или повеќе доживотни затворски казни, постапувајќи засебно за секое кривично дело, а сепак лицето има само еден живот, токму затоа ако има можност и процени дека ќе може да се спаси од првата доживотна казна преку извршување друго противзаконско дејство, тој тогаш и ќе го направи тоа, затоа што нема што да изгуби. Кога човек е во таква ситуација и нерационално постапува и му биде дозволено, тој е опасен за околината, но и целото општеството. Во минатото многумина автократи, деспоти, диктатори, кога ќе бидат разголени на јавна сцена, често постапуваат нерационално и причинуваат дополнителни злосторства, патења и штети. Да се надеваме дека тоа нема да ѝ се случи на нашата држава.

Немаме политичка криза туку државна криза, затоа што државните институции не се во можност да функционираат и ја вршат својата функција согласно Уставот и законите поради нивната узурпација од страна на врвот на ДПМНЕ. Политичка криза имаме кога државните институции функционираат согласно уставот и законите но не може да формира мнозинство во најмала рака стабилно мнозинство во Собранието за да се формира Влада во тој случај постои политичка криза која се решава преку компромиси меѓу потенцијалните коалициски партнери или со нови избори.

М-р Митко Јованов

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)