НЕВЕРОЈАТНО уште еден КОНТРАПРОТЕСТ во организација на ДПМНЕ: Протест и контрапротест на оризопроизводителите го блокираа патот Штип – Кочани

0
303

Членовите и приврзаниците на здружението на оризопроизводители „Бело злато“ од Облешево со блокада на едната коловозна лента од патот Штип – Кочани, денеска простетираа поради тоа што нема откуп на оризот, пренесува „Мета“.

Наспроти нив, на другата коловозна лента, сообраќајот го попречија нивните колеги, оризопроизводители, кои не се задоволни од откупната цена од 50 денари за еден килограм бел ориз, ама се задоволни од владините субвенции. Стоејќи едни спроти други, почнаа со довикување, но сè се заврши со вербална расправија.

Од „Бело злато“ велат дека пред почетокот на новата сеидба, ланскиот ориз им стои во амбарите. Бараат овие количества веднаш да им се откупат по цена од 50 денари за еден килограм ориз и од 25 денари за оризова арпа.

На ова врати оризопроизводителот од Долни Подлог, Бранко Стојков, според кој за да се подготви еден декар ориз, потребни се 10 литри нафта или 600 денари и плус една вреќа ѓубре, кое чини 1.300 денари.

– Значи со 1.900 денари за еден декар површина, сè е подготвено за сеидба. А, ние добиваме 3.000 денари субвенција по декар. Значи, не само што ги покриваме трошоците за подготовка, туку ни останува и за пиво – рече Стојков.

Од организаторите на протестот кои бараат поголема откупна цена, велат дека не е одржано ниту едно ветување за субвенциите од 2012 година наваму.

– Бараме само да ни се откупи заостанатото ланско производство од амбарите за да може да ја почнеме новата сеидба – велат дел од демонстрантите.

Од ова здружение ѝ дадоа на Владата рок од три дена да одговори на нивното барање за брз откуп по утврдена цена. Побараа и средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков. Доколку немаат одговор, се заканија со радикализација на протестите.