НВО паралелизам

0
330

Офанзивата над просторот на слободната мисла и слободно мислечките индивидуи, имаше своја импликација и кога станува збор за функционирањето на невладиниот сектор.

Имено, ако граѓанското општество претставува оној сегмент кој ја зацртува линијата помеѓу власта и граѓаните и претставува своевиден коректив на владеачките политики, тогаш неспорно е дека, неговата улога има за цел демократизација на општеството и воспоставување на политичка култура која би одела во насока на зацврстување на граѓанската артикулација наспроти власта.

Во Република Македонија  граѓанското наспроти владиното започна да се развива во почетокот на 90-тите кога земјата ја стекна својата независност и се стремеше кон развивање на култура на плурализам и демократија, во која рамка започнаа да функционираат и невладините организации. Во таа смисла, обидите околу создавањето на македонското граѓански сектор, истовремено претставуваа и обиди за градење на политичка култура која ќе биде иманентна на новиот систем или системот на демократско уредување. Како централни субјекти во градењето на култура на разбирање на човековите права и толеранција на различностите се јавија невладините организации кои во различни области на човековите права, пружаа нивна заштита но имаа и едукативна улога. Дополнително, со првите изблици на автократско владеење на овој режим и сериозните кршења на човековите права во земјата започнаа да се обликуваат првите граѓански движења и иницијативи кои ги зацртаа почетоците на граѓанскиот активизам. Тоа беше случајот со протестите на „Архи-бригада“ или првите спротивставувања на идејата за проектот Скопје-2014 и понатаму  протестите поврзани со убиството на Мартин Нешкоски (2011) и граѓанската неформална иницијатива „Стоп за полициската бруталност“. На ова практика на grass root организирање на граѓаните, во различни иницијативи и по различни поводи, се надоврза и граѓанската иницијатива  „Аман“.

Секако, новата ера во градењето на македонската политичка култура  ја зацртаа Студентскиот и Професорскиот пленум, после што овој процес спонтано се  заокружи со актуелното движење на отпорот или „Протестирам“.

Имајќи го предвид македонскиот случај и развојната линија, неспорно е дека присутноста на невладините организации во процесот на градењето на граѓанското општество, е од суштинско значење за консолидацијата на демократијата во Македонија. Ова особено од причина што оние граѓански организации чиј кредибилитет произлегува од довербата на граѓаните во нивната работа, претставуваат и своевидни контролни механизми во македонското општество и имаат   сугерирачка улога во либералната демократија. Токму оваа констатација претставува основен мотив  за актуелната политичка офанзива против невладините организации и граѓанското општество, артикулирано преку актуелниот хибриден владеачки систем во Македонија.

Имено, автократскиот систем, организиран и одржуван од страна на ВМРО-ДПМНЕ, по линија на илибералното владеење кое продуцира кршење на демократијата, има експлицитен став и цел кога станува збор за граѓанското општество и невладините организации.
Со веќе познатиот манир на вулгаризирање на постоечките релевантни чинители во граѓанското општество се воспоставија своевидни пандани на граѓански организации и движења со една една единствена цел, поништување на улогата што ја имаат невладините организации.  Притоа, нарацијата во прокламирањето на нивните цели и идеи како суштина на нивното постоење, се движи во насока на прогласување на чинителите во релевантното невладино функционирање за политички непријатели и закана по македонското органско единство.

Карактеристично за овие така наречени спасители на земјата од мафијашката мрежа на соросови невладинини организации е креирањето на т.н. „црни листи“, на предавници и непријатели на македонската држава и припадници на странски служби,  пракса неодамна забележана и во Хрватска. Во Република Македонија нивниот доминантен креатор е секако медиумскиот одработувач на власта Миленко Неделковски. Меѓутоа, оваа пракса не се заснова само и единствено на прокламации за предавство туку и на сериозен говор на омраза со повикување на насилство, до сега сè уште несанкциониран.
Секако, оваа феноменологија го доби својот најсериозен облик со формирањето на иницијативи и здруженија на граѓани со фиктивни форми на политичко дејствување, емпириски и теоретски веќе забележани во режимите со недемократско владеење. Така, современата теорија во ваквата феноменологија на пандани на граѓански организации или ткн „базични девијации на невладината сфера“, разликува ФАНГО (од Fake NGOs) или „фејк невладини/граѓански организации“, од кои дополнително може да се изведат и ГОНГО (од Governmental NGOs) – „владини невладини/граѓански организации“ и КВАНГО (од Quasi NGOs) – „квази невладини/граѓански организации“.

Ваквите фиктивни граѓански организации, иницијативи и движења всушност се воспоставуваат и дејствуваат во моменти кога токму релевантните чинители во граѓанското општество дејствуваат  за прашања поврзани со правата и слободите на граѓаните.

На 28 март 2009 година  Јанко Илковски повика на отворен судир со „Архи-бригада“ прв протест како реакција на проектот „Скопје 2014“, односно повикувањето на оние христијански и демохристијански групи кои го организираа насилниот контрапротест на тој ден. Тоа беше првиот организиран контрапротест, дотогаш како форма познат само во српското општество за време на владеењето на Слободан Милошевиќ. Асоцијативно делување директно инструирано од владеачкиот центар на моќ. Во периодот потоа, беа формирани „неименувани женски граѓански организации“ кои реагираа на голотијата на скулптурата „Прометеј“, некаква до-тогаш-непозната Граѓанската иницијатива за заштита на ликот и делото на борците за Македонија реагираше на колумната „Операција Француски клуч“ на Љубомир Фрчкоски која по повод оваа колумна  организираше и неколку јавни активности.

Сепак, најагресивното квази здружување на граѓаните, а повторно во врска со објект предвиден во проектот „Скопје 2014“ е т.н. неформално здружение „Веритас“[1] кое протестираше против стопирање на изградба на црквата СВ. Елена и Констатин. Она што може да го заокружи впечатокот на примери за КВАНГО здружувања е проектот „Скопје 2014“. Имено, со овој проект се поврзува и онаа контроверзна ставка од Буџетот на Република Македонија за 2015 г. од 5,56 милиони евра (страница 71, ставка 463, трансфери до невладини организации), кои Владата ги доделува на фиктивни НВО, а кои според познавачите се средства наменети за потребите на проектот „Скопје 2014“.[2]

Одличен пример за овие квази невладини е секако примерот со Институтот „Павел Шатев“, за кој не постојат никакви официјални и лесно достапни информации во врска со неговата локација, предмет на работата, надлежностите и тимот, што всушност еклатантно го покажува начинот на нивното функционирање или функционирање по наредба од страна на власта.

Во последната година во истата квази дикција на невладино здружување, функционира и ГДОМ[3], која инаку претставува паралелен, но и суштински спротивен модел на дејствување на „Граѓаните за Европска Македонија“ (ГЕМ). ГДОМ мошне транспарентно ја покажува својата наклонетост кон владеачката групација, ги поддржува  доминантните партиски интереси на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, и промовира партиски поединци, а истовремено има и длабоко испрелетените интереси бидејќи  припадниците на ГДОМ се носители на официјални јавни функции (случаите на Братислав Димитров, Тони Михајловски, Александар Даштевски, Тони Науновски).
Зборувајќи за нивното функционирање природно се забележува разликата во вредностите на кои гордо се повикуваат, а немаат никава допирна точка со хуманата димензија на дејствување на граѓанските движења на отпорот кој се борат за слобода, правда и еднаквост. Обидите за замолчување на граѓанското општество со креирањето на овие квази структури и покрај тоа што се помогнати директно од центрите на моќ, а со тоа и медиумите кои работат под покровителство на власта, не можеа и нема да ја постигнат целта.  Автентичниот и бескомпромисниот порив на слободно мислечките граѓани и нивниот крик за ослободување од криминалната власт претставува моќ на која  ниту една лажна и релативизирачка стрктура не може да и се спротистави.

НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР

Уранија Пировска
излагање на третиот настан на Tribunus Civilis – Злосторството на молчењето


[1] http://press24.mk/na-pladne-pochnuvaat-protestite-na-veritas-pred-opshtina-centar

[2] „Потоа се измислуваат некои дополнителни 5 милиони евра годишно кои ФООМ ги доделува на невладините организации, а кои, всушност, не постојат. Средствата кои ФООМ ги регрантира кон другите невладини организации се многу пониски и точно се знае колкави се (3,08 милиони евра во 2014 година, страница 3, ставка 22, Помошти донации и други давачки), но во секој случај се пониски од оние кои Владата ги доделува на фиктивните НВО-а (страница 71, ставка 463, трансфери до невладини организации – 5,56 милиони евра), а кои во најголем дел се трошат на проекти поврзани за Скопје 2014 и никако за развојни програми.“ // http://okno.mk/node/49162

[3] „Расте поддршката за Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Од утре ќе се организираат и трибини со кои ќе се осуди, како што велат, прислушувањето на илјадници граѓани од странски служби и користењето на тие материјали за да се внесе раздор…“ // http://www.alfa.mk/News.aspx?ID=89467#.VyUqQMtJldg