Модуларниот “Project Ara” телефон на Google во продажба од наредната година

0
397

Проектот на Google за модуларен телефон, на кој може да му се менуваат апсолутно сите делови е се’ уште жив и тоа веќе е во напредна фаза – дивелоперите првите уреди ќе ги добијат подоцна годинава, додека продажбата ќе почне од наредната година.

Project Ara е инаку првиот вистински модуларен паметен телефон во светот, на кој може да му се менуваат „скоро“ сите делови. Поточно, се работи за 6 мали плочки кои се редат на матичната плоча во задниот дел, кои имаат најразлични функции. На пример, корисникот може да избере да стави поголема камера со подобар квалитет, на сметка на помала батерија или пак да стави секундарен e-ink дисплеј за нотификации, кој троши многу помалку од батерија.

Ова значи дека корисникот ќе може лесно да го надгради телефонот со подобри делови во иднина и исто така многу поевтино. На пример, ако излезе нов модул за камерата со подобар сензор и леќа, корисникот може едноставно да го смени. Колку едноставно? Ќе има посебна поставка во подесувањата на телефонот за вадење, а истото ќе може да се направи и со гласовна команда “Ok Google, eject the camera”. И да, нема потреба од рестартирање на телефонот.

За разлика од поранешните прототипи, кај овој нема да има модул за процесорот, што значи дека тој дел нема да може да се менува. Во превод, надградба на перформансите нема да може да се направи, барем не во првиот модел кој ќе се појави наредната година.

635993713466069697-phone-image-2-2

Google инаку веќе има договорено неколку партнери кои ќе произведуваат модули за камерата – E Ink, Toshiba, Gotenna и Sony Pictures Home Entertainment. Во иднина се очекува да се приклучат и многу други.