Милчин го запука Геро : Ти нормален ли си бе какви преговори и какво тајно и безбедно заминување од власт на Груевски?!

0
2506

ЗЛОСТОРСТВА БЕЗ КАЗНА? НО ПАСАРАН!

Вчерашниот гангстерај во организација на градоначалникот на Аеродром Коневски и бруталниот напад врз пратеникот на СДСМ Димитриевски и неговото семејство не ги поткрепуваат тезите на Героски во колумната во која тој полемизира со ставовите на Фрчкоски. Ставовите на тројцата европратеници (десничар, центрист и левичар) искажани пред расправата во ЕП ја потврдуваат дијагнозата на Фрчкоски за одолговлекувањето во Собранието. Се разбира, тоа не го кажуваат со речникот на Фрчкоски, но суштината не е во речникот.

Суштината е во тоа дека врхушката која ја тормозеше и ја молзеше Македонија повеќе од десет години по секоја цена сака сите ние да се потпишеме како коавтори на романот “Злосторство без казна”. Тој роман, Грујо и кликата, односно неразвластениот поразен режим, секојдневно го прошируваат и надградуваат со нови злодела на кои крајот не им се гледа. Во тоа “крајот не им се гледа” лежи моето несогласување со пријател ми Геро. Не знам какво е расположението во членството на СДСМ, но знам дека голем број нечленови и симпатизери, оние кои од 5 мај 2015 година речиси секоја вечер протестираа и се конфронтираа со власта, оние кои гласаа за опозицијата предводена од Заев денес се резигнирани, разочарани и гневни.

Последниве денови, Геро неколку пати ја истакна неопходноста од преговори со аргументот дека и по евентуалната конфронтација ќе мора да се преговара. Зар малку преговори изначекавме од објавувањето на аудиоснимките до денес? Зар малку европски емисари и преговарачи дочекавме и испративме? Се покажа и докажа дека ВМРО-ДПМНЕ преговорите ги сфаќа само како шанса за купување време и за залечување на раните. Грујовци се мобилизираа, ние се демобилизиравме.

Институциите ги узурпираа до крај, улиците им ги отстапивме ние, насилството расте од ден на ден и веќе тропа на куќните порти, во Собранието процедурално се мрцвари демократијата, а претседателчено на државата мандатот му го дава само на Груевски, кој го направи да биде претседателче. Од Македонија си направија приватна прќија.
Се разбира, Геро го знае сето ова. Напишал илјадници редови за злосторничкото здружение кое ја ничкоса Македонија.

Како да ја разберам неговата вчерашна сугестија дека на тајни преговори на Груевски ќе треба да му се овозможи безбедно да ја напушти власта! Да си замине од Македонија и да ужива во искрадените пари и имоти?! И кој треба да го потпише таквиот таен договор? Таквата капитулација е најкусиот пат за враќање на Груевски и кликата на власт! Не ми е јасно како не му е јасно на Геро дека Зоран Заев нема да го направи тоа. Мене ми е јасно и затоа Зоран Заев и денес ја има мојата доверба. Без оглед на тоа што не секогаш се согласувам со неговите потези, уверен сум во тоа дека Заев нема да капитулира пред гангстерајот камуфлиран како политика.

Не ми е јасно ни тоа кој, според Геро, би требало да го спроведе „безбедното напуштање на власта на Груевски“. Специјалното јавно обвинителство? Заедно со Зврлевски и „Сваровски судството“? СЈО ќе го дискредитираме пред да го распуштиме, а дискредитираните ќе ги амнестираме? И потоа, со празни раце, без Пржино и без Прибе, пеш ќе тргнеме на пат за Брисел. А, како што тргнале грујоидите со отровите, кој знае дали ќе ни останат и кучиња да лавнат по мерцедесот со кој ќе нè одмине Грујо…

„Со криминалци нема преговори,“ изјави вчера еден од најблиските соработници на Заев, пратеникот Николовски. Тоа е црвената линија од која не може да има отстапување. Довербата не е дадена еднаш за секогаш. Таа зајакнува или слабее со секој потег на оној кој бил прифатен како лидер. Треба одново да се освојат времето и просторот.

Фејсбук статус на Владимир Милчин