МЕНЧЕ ТОЧИ: Дебело профитираа и тие што ве научија да не ги вакцинирате децата, да гледате во сонцето, а на децата со аутизам масовно да им даваат (произведуваат и пропагираат) средство слично на варикина од што им се кинат цревата!!!

0
2060

Но, да сме на чисто. Здравствениот систем е ваков со децении, не е од сега. Вакцини сте примале и вие поборници против вакцинацијата и вие мајки кои стравувате и ние и нашите повозрасни деца. И тогаш никој не прашуваше какви се, туку се вакцинираа сите, нели? И немаше проблеми. И да си знаете не е вашето познавање на работите отидено напред, туку науката. И во поглед на усовршување на вакцините и во поглед на откривање на аутизмот. Дилема да нема!

Се започна од моментот кога се појави дотичната Слаѓана Велков, поборник против вакцините и конвенционалната медицина, (како што тврди и дипломирала медицина), како и други нејзини истомисленици секаде низ светот, инструирани од неколку центри на моќ, кои профитираа од ваквите кампањи и од производство на „природни“ средства против разни болести.

Нивните водачи живеат во Доминиканската Република и уживаат во земјите од даночниот рај каде ги трошат парите на лекомислените родители кои загрижени за здравјето и безбедноста на своите деца, купуваат разни алтернативни производи спакувани под мотото„ние сме поскапи, ама не го уништуваме здравјето на вашите деца како фармацијата“. Бизнисот го водат од таму,  зашто ако се вратат дома ќе ги уапсат. А, за Слаѓана Велков има неколку кривични пријави во Србија каде што живее.

Точно е дека фармацевтската индустрија профитира од секој лек, не само од вакцините, ама дебело профитираа и тие што ве научија да не ги вакцинирате децата, да гледате во сонцето, а на децата со аутизам масовно да им даваат (произведуваат и пропагираат) средство слично на варикина од што им се кинат цревата.

Темата за имунизацијата требаше да се постави одамна, кога Велков ја рекламираа на разно-разни телевизии и да се зборува и да се едуцира континуирано. Никој од тогашните здравствени власти не излезе да каже дека тоа е погрешно и дозволија нивните новинарски пулени да и даваат медиумски публицитет. Резултатот од целата таа пропаганда го гледаме сега, преку недоверба во вакцините и драстично намален опфат со имунизација и тоа во средини каде што најголем процент живеат образовани луѓе. А, интернетот не дава одговор на се и може да доведе до забуна. Особено не, ако сте лаик и немате познавање од проблематиката.

И така, целата таа масовна пропаганда донесе страв и сомнеж кај граѓаните. Згора на се, разни набавки на лекови и вакцини во изминатиот период ја разнишаа довербата.

Вакцините, според се до сега, не се од паралелен увоз, а новиот тендер кој требаше да биде распишан уште летово (а, е распишан една недела пред епидемијата) треба да ги задоволи потребите за најмалку две години. Како и претходниот, од 2016 година кој беше распишан во време на поранешниот министер Тодоров.

Дали ќе се калкулира со набавките и со цените, е одговорност на Министерството за здравство и сите очи ќе бидат насочени таму.

На тендерот, квалитетот треба да е приоритет, а не најниската цена! Нели, оваа власт токму заради најниската цена на тендерот за вакцини ја критикуваше претходната. Време е да бидат доследни на себе и да ја вратат довербата кај граѓаните!

И да, со вакцините ги штитиме нашите деца, се заштитуваме себе и колективниот имунитет. Затоа што не живееме изолирани, сами.

Вакцините го спасија светот од заразните болести! Граѓаните во земјите каде што не е задолжителна вакцинацијата се свесни за тоа и опфатот со имунизација е околу 90 проценти. Време е, ние да станеме свесни и сопствената безбедност да ја градиме заеднички.

Со дебати и расправии на социјалните мрежи, само губиме време! Драгоцено време!

Целата колумна ОВДЕ