Мачките на Ванхауте само го гребнаа Груевски

0
340

Сите политички партии, независно од нивниот етнички предзнак и сите силни граѓански организации и истакнати поединци, треба уште сега да направат обид за формирање еден вид сојуз за промени

Ова што се случува во Македонија е само обид една земја во која се инсталирала политичка диктатура да се трансформира, преку договор меѓу власта и опозицијата, во демократија.

Тоа е еден интересен експеримент на меѓународната заедница, кој немаше да почне да се спроведува да не се заостреше конфликтот меѓу власта и опозицијата до ниво на кое стана јасно дека без меѓународна помош за постигнување на таков договор земјата може да потоне во хаос и безредија. Ова стана јасно особено по вооружената пресметка во Дива населба во Куманово, по која беа одржани и големите митинзи на партиите и формирани протестните кампови.

Меѓународната заедница доби можност, пред се’, од емитуваните прислушувани разговори и од протестите да сфати до која мера власта во Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ и во НАТО, успеала да воспостави контрола врз медиумите, контрола врз судството, колку партијата на власт се споила со државата и станала недопирлива за правдата, и колку семоќна станала тајната полиција на фамилијата на власт. На сите што внимателно ги следеа работите им беше јасно дека една таква власт успеала во голема мера со примена на сите инструменти на својата политичка моќ да ја уништи опозицијата во земјата и да создаде во Македонија систем во кој се организираат „избори без избор“.

Откако Рајнхард Прибе го констатира сето тоа во својот извештај, Европската Унија се нафати на тешката задача да организира еден вид тркалезна маса меѓу власта и опозицијата во земјата, на која со договор ќе изнуди одреден број отстапки од власта во насока на создавање колку-толку рамноправни услови за изборен натпревар во земјата и за почитување на правата и слободите на граѓаните гарантирани со Уставот.

На сите во тој процес им беше јасно дека ниту еден диктатор во историјата не прифатил да го промени своето однесување само со пријателско убедување и дека без ефективен притисок ќе направи се’ за да ја задржи власта, контролата врз клучните ресурси во земјата и да остане неказнет за сите злоупотреби што ги има направено. Отсуството на ефективен притисок за негово заминување во случајот со Македонија е секако и резултат на тоа што станува збор за т.н. маскирана диктатура, во која зад демократската фасада се владее авторитарно, во која сите злоупотреби се прават во име на „демократијата, мирот и безбедноста“ и во која, за разлика од диктатурите што ги познаваме, не се случуваат масовни убиства и апсења, туку се апсат, дискредитираат и демонизираат само најистакнатите противници на режимот за пример на сите останати.

Свесни за тоа дека демократијата не можат едноставно да ја „извезат во Македонија“, ниту Груевски да го принудат за се’ што направил да се повлече од политичкиот живот и да овозможи фер судење за тоа што го направил, ЕУ и САД во овие преговори меѓу власта и опозицијата направија сериозен обид да ја ограничат моќта на Груевски и на неговата група на власт.

Тие прво го принудија да прифати организирање предвремени парламентарни избори. Го принудија да прифати делумна контрола на извршната власт со формирањето техничка влада и со неговото отстранување од функцијата премиер пред изборите. Го формираа Специјалното јавно обвинителство со цел да извлече дел од судството од негова контрола. Наложија нов состав и нови надлежности на Државната изборна комисија, во која внесоа и експерти со цел да се спречат манипулациите за време на избори. Наложија формирање на анкетна комисија во Собранието која ќе ја утврди политичката одговорност за масовното прислушување и побараа да биде променет амбиентот во медиумите за да можат граѓаните без тоталитарна пропаганда јасно да ја видат разликата во политичката понуда на власта и опозицијата во земјата. Објаснија дека сето тоа е само во функција на почитување на европските норми и вредности кон кои нашата земја се обврзала. Но, симпатичните мачки на Ванхауте, преку кои тој духовито ги пренесуваше пораките за јавноста, само го гребнаа Груевски.

Тој цело време додека преговараше, беше свесен дека ништо страшно не може да му се случи ако успее да ја зачува контролата врз судството, монополот врз медиумите, ако ја блокира работата на анкетната комисија и ако му биде оставена партиската контрола врз сите државни институции. И тоа му успеа.

Прво ја блокираше работата на собраниската анкетна комисија. Потоа судството го стави целосно во функција на заштита на направениот криминал. Советот за јавни обвинители го задолжи за малтретирање и опструирање на Катица Јанева. Кривичниот суд го задолжи да не ги прифаќа нејзините барања за притвор кога се во прашање дури и дела за кои тој се определувал со леснотија. Управниот суд го задолжи за поништување на одлуките за именувања од страна на министрите од опозицијата, а Уставниот суд го задолжи итно да прифати иницијатива за правото на претседателот Иванов да може да помилува и лица осудени за изборни нерегуларности. И сите тие си ги исполнија нивните партиски задолженија.

Во медиумската сфера Груевски во овој период, покрај пропагандистичките владини таблоиди како Сител, Канал 5 и Алфа, задолжени за фалење на Груевски и за оцрнување на опозицијата, на кои им има префрлено десетици милиони евра за нивно корумпирање, воведе дури и нова телевизија на своја страна, основана од нов медиумски тајкун, од редот на оние бизнисмени кои добивале мрсни тендери од неговата влада.

Истовремено ја задржа и споеноста на неговата партија со државата, која му дава можност буџетските средства кои ги позајмува од странство да ги користи за изборни цели, да дели пари, реализира некакви проекти, вработува. Формира нов универзитет, односно го купува социјалниот мир и изборното расположение на граѓаните и да ја одржува илузијата за некаков економски прогрес на земјата. Откако не е премиер, тој ги префрли седниците на владата во неговата партиска резиденција.

Се’ на се’, Груевски и покрај тоа што се прикажува како „жртва на меѓународен заговор“ успеа да го блокира целосно имплементирањето на договорот од Пржино.

Свесен за тоа дека неговата авторитарна моќ се’ уште не е сериозно начната, Груевски самоуверено изјавува дека веќе нема што да преговара со опозицијата ниту што да имплементира од договорот во Пржино и дека по последново одложување на изборите за 5 јуни, со опозиција или без опозиција, тој ќе оди на избори, а и нема да дозволи некој „турист од Белгија“ преку мачки, кои веројатно почна да ги сонува, да му кажува како тој треба да владее.

Оваа негова политичка ароганција е клучниот доказ дека диктатури од овој вид тешко се менуваат само со договор како оној од Пржино. До тој заклучок дојде Ванхауте, кој по долгиот престој во Македонија, деновиве за Алсат изјави: „Насекаде гледам корупција на високо ниво, гледам високо ниво на клиентелизам. Ова се работите што прво треба да се надминат, а за тоа да се направи треба враќање на институциите на вистинскиот пат, вклучувајќи го и судството, образованието итн. За тоа ви требаат барем две години, па дури потоа може да размислуваме за организирање соодветни избори“.

Кога веќе се знае дека диктатура не може да се менува само со договор меѓу власта и опозицијата, тогаш станува јасно дека за тоа е потребен веројатно и еден друг вид договор, кој меѓу себе треба да го направат сите политички партии од опозицијата и со кој ќе ги обединат околу себе и граѓанските здруженија и истакнатите поединци во земјата. Сите политички партии, независно од нивниот етнички предзнак и сите силни граѓански организации и истакнати поединци, треба можеби уште сега да направат обид за формирање еден вид сојуз за промени. Сојуз за слобода, правда и еднаквост, кој би излегол со единствена листа на таа голема предизборна коалиција за која ќе гласаат сите кои сметаат дека Груевски не заслужува реизбор. Со тој договор изборите треба да се претворат во референдумско изјаснување „За смена на Груевски и на овој систем на владеење или против?“ Тоа би бил договор за промени пред вистинските промени.

Во еден таков договор за промени може да стои и договорот со сите помали политички партии дека во период од две години по освојувањето на власта, откако ќе се вратат институциите во нормален колосек и ќе се врати владеењето на правото во земјата, ќе бидат организирани нови парламентарни избори со отворени листи на кои изборниот модел ќе остане пропорционален, но Македонија ќе биде една изборна единица. На Груевски едноставно не смее да му се дозволи одново да победи. Негова победа на избори, по сето ова што е направено ќе значи пораз за Македонија, но и пораз на сите обиди на САД и на ЕУ диктатурата да биде во најкус можен период заменета со демократија. Со други зборови, не зависи се’ само од договорот меѓу власта и опозицијата, туку и од договорот меѓу сите опозициски и прогресивни сили во земјава за нејзината иднина.

Пишува : проф. Ѓорѓи Спасов

Извор  : Утрински