Марко, Марко, ќе те апне Шарко!

0
146

Не докажуваат телефонските снимки дека Марко Зврлевски е обична партиска испостава на фамилијата на власт – тоа многу поуверливо го докажува работното портфолио на институцијата што тој ја раководи во која, сите овие години, нема НИТУ ЕДЕН позначаен случај (со бројки: 0) со кој можеби ќе се спречеше нешто и некој во заговорот за општа пљачка и безаконие во највисоките политички ешалони во власта.

saso-ordanovski-540x329

Со изјавата дека неговото Јавно обвинителство не е политичко, а дека Специјалното обвинителство е политичка творба, навредената и понижена појава на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, автоматски се пласираше во финалето на годинешнава „Златна буба-мара на годината“ во три категории: 1) за јавно соопштен најдобар политички виц на годината; 2) за највиснати мустаќи на годината; и 3) за тотално губење на личниот и институционалниот кредибилитет на институцијата што ја претставува. Во сите категории годинава конкуренцијата е силна (на пример, кој ќе може да го победи Груевски во категоријата „политички кловн на годината“ со неговите комични настапи на пресконференциите за аферата со прислушувањата, за странските служби и за „жолтите комбиња“?!), но Зврлевски има основа да се надева дека заслужено ќе се закити барем со едно-две од овие значајни општествени признанија. Бидејќи, да тврдите дека Специјалниот обвинител, избран од сите партии во Собранието, е помалку легитимен од Јавниот обвинител, избран само од партиите на власт во истото тоа Собрание, само ги доведува во прашање резултатите од последниот систематски преглед што сте го направиле.

Ако се сеќавате, веднаш по потпишувањето на Договорот од Пржино, јавно (на овие страници) им предложив на Зврлевски и на баџанакот на Мијалков, Јован Илиевски, шефот на обвинителството кое би требало да гони организиран криминал во државава, веднаш да си поднесат оставки, бидејќи, меѓу другите, со тој Договор од Пржино, нивните (не)политички спонзори, ментори и наредбодавци – криминогената фамилија на власт – ги прогласија за тотално неспособни и морално-политички „мивки“ (мислам дека баш тој термин и тогаш го употребив). Зошто? Па, затоа што Македонија ќе немаше потреба од специјални обвинителства и преговори во Пржино ако овие двајцава надежни обвинители професионално си ја вршеа работата. За нивната неспособност и морално-политичка неподобност во Пржино се согласија сите клучни македонски политичари од власта и од опозицијата, осведочени со клучните меѓународни „поддржувачи“ на процесот.

Тогаш Зврлевски не си поднесе оставка (јас предлагав тоа, дури, да го направи демонстративно!). Сега се плаши да не биде еден од приведените на распит, а можеби и за притвор, уште во првите месеци на делувањето на Специјалното обвинителство. Тој се наоѓа во фото-финиш во две трки: или за спомнатата „Златна буба-мара“, или за Прв републички јавен обвинител што ќе заврши во притвор. За разлика од два-тројца негови колеги кои, слушам, уредно се пријавиле за статус на заштитени сведоци во десетиците обвинителни постапки за сторените „кривично-правни настани“ од страна на фамилијата во изминатите десет години на власт, за Зврлевски, врз основа на неговото сегашно лошо поведение, мислам дека нема да има понуда за добивање на статус на заштитен сведок.

Но, како што виспрено би се изразиле сите врвни новинари во Македонија, „тоа останува времето да го покаже“!

ОГЛУВЕА ОД „ДОПРЕНИ ГЛАСОВИ“

Ако јас се прашувам, СДСМ требаше да ги напушти преговорите во Клубот на пратениците уште пред десетина дена, веднаш штом се објавија листите од социјалните служби во Струга на кои се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ уште сега повторно прави елаборирани списоци за притисоци врз примателите на социјална помош за тоа како ќе гласаат на следните избори. Каков скандал: додека до ситни утрински часови партиите се натегаат за секоја запирка во изборните и други закони, за прочистување на Избирачкиот список и за низа други суштествени прашања врзани за организирање фер избори, ДПМНЕ, мртви-ладни, се подготвуваат на истиот начин како што тоа го правеа во изминатите десетина години, повтроно да ја фалсификуваат вољата на македонските гласачи.

Може ли да го прашам аполитичниот кандидат за „Златната буба-мара“ од погоре, дали некој од неговите аполитични, преоптоварени со работа високо-професионални обвинители, отворил постапка за испитување на ова грубо кршење на важечките изборни и други закони во Струга? Или, уште подобро, кога веќе на нашава буба-мара-позлатен јавен обвинител не му се допаѓа Специјалното обвинителство, што не се избори градоначалникот на Битола, приведен на распит пред десетина дена во тамошното обвинителство, да не се „трансферира“ под ингеренциите на Специјалното обвинителство, туку да остане во негова надлежност? Или, понатаму, кога слушнаа „по допрен глас“ дека на Мијалков му е „екстра-процедурално“ издаден (па повлечен) дипломатски пасош, дали за тоа се заинтересирал аполитичниот Зврлевски да ја испита законската основа на овој обид за изигрување на законите во „правната држава Македонија“?

(Дигресија: друго прашање е што ќе му е дипломатски пасош на граѓанинот Сашо Мијалков? Дали Мијалков со право се плаши дека веќе на следното патување во странство – во Прага или Виена, на пример, бидејќи со Белизе и со Москва сé уште немаме директни авионски линии – може да биде издвоен од редот за пасошка и царинска контрола за влез во ЕУ и да биде замолен да го отвори багажот? Којзнае што сé мора Мијалков деновиве да пренесува преку граница, за да мора да вади дипломатски пасош што би го заштитило од погранични непријатности?! Беља работа!)

Ова се примери само од последните неколку недели, човек и не може да се сети на сите пропусти во работата на Јавното обвинителство со години наназад – на пример, што се случи со истрагата за видео снимките од средбите со Заев во кабинетот на премиерот, протечени во јавноста токму од Јавното обвинителство, во постапката за подготовката на, ни помалку, ни повеќе, пучот во Македонија? Најде ли независниот правен професионалец Зврлевски кој му ги извадил од фиоките тие снимки и ги дал на ТВ Сител? Не требаше ли некој до сега, после половина година од најгрубиот упад во работата на обвинителството што се памти во државава, за такво скандалозно нарушување на ОБВИНИТЕЛСКИОТ интегритет веќе да заврши во затвор? Или Зврлевски намерно сака да мислиме дека токму ТОЈ е личноста која ги дала овие снимки на партиската медиумска машинерија на фамилијата, иако требаше да бидат доказен материјал во истражна постапка за наводни тешки кривични дела против редот и поредокот во државата?!

Затоа, препорачувам, да не ве залажуваат обесените мустаќи на Зврлевски по малите екрани, бидејќи тој е многу попромислен и поопасен од ликот на тажен, симпатичен Калимеро-„булдог“ што сака да го остави во јавноста.

АПОЛИТИЧЕН ПОЛИТИКАНТ?

Зврлевски, како некој месечар, шета наоколу и повторува дека прислушуваните снимки се незаконски правени и не можат да бидат искористени како судски докази. Никој не му рекол – а тој, очигледно, или го преспал тој факт или нема капацитет да го сфати тоа – дека таа фаза на правно-политичко инаетење дури и кај фамилијата заврши пред неколку месеци. За Зврлевски протечените во јавноста видео-снимки од кабинетот на премиерот и истите тие телефонски прислушувања се правно валидни за да покрене кривично гонење против Заев за пуч, но не се добри за да покрене истраги за криминалите што му ги шепнуваат на уво во стотици разговори министрите и најблиските соработници на Груевски и самиот тој, Груевски?! Треба да се праша нашиот аполитичен, непартиски, надполитички, професионален јавен обвинител, ако Заев, како лидер на опозиција, може да добие прием кај израелскиот претседател и кај највисоките претставници на МОСАД, за да разговара за деталите околу израелската опрема за прислушување испорачана на Груевски и Мијалков, зошто Зврлевски до сега не се обиде – толку желен за правда и професионализам – тој од своите израелски колеги, по службена линија, да ги добие информациите за овој огромен скандал? Можеше Зврлевски да се качи во авиончето на Владата кога Груевски одеше на одмор минатото лето во Израел и, додека Груевски се сонча на израелските плажи (оти него деновиве го примаат до ниво на рецепционери во хотели), да прошета до израелските институции, да прибере сознанија, и со истото авионче на Владата, со исончаниот Груевски, да се врати за Скопје. Или и доказите што ги приложува Заев и во оваа постапка јавниот обвинител Зврлевски ќе ги прогласи за невалидни, оти не биле побарани и прибавени од „надлежен орган“ (ТОЈ) од Македонија?

Па, не докажуваат телефонските снимки дека Марко Зврлевски е обична партиска испостава на фамилијата на власт – тоа многу поуверливо го докажува работното портфолио на институцијата што тој ја раководи во која, сите овие години, нема НИТУ ЕДЕН позначаен случај (со бројки: 0) со кој можеби ќе се спречеше нешто и некој во заговорот за општа пљачка и безаконие во највисоките политички ешалони во власта.

Следствено, во еден речиси бесконечен момент на триумф на фантазијата наспроти разумот, Зврлевски некни вели дека не се согласува оти Македонија била мафијашка држава. Таман работа уште и со тоа да се согласеше. Дури и во својот завршен круг што сега го истрчува Зврлевски пред камери, гледа што повеќе услуги да им направи на криминалците од власта. Налик на обичен политикант. Тажно.

Е, сега, Марко, дојде време да те апне Шарко! И тоа за газ. Сори, ама сам си го стори.

ПРВА-РИКВЕРЦ

Целиот процес со враќањето на демократијата во Македонија се одвива со очекуваното темпо: споро, мачно, прва-рикверц. Фамилијата става сопки на сите страни, ама од нив најчесто самата се сопнува. Тонејќи сé подлабоко, секој ден измислува нови трикчиња, со кои на извонредно ефикасен начин само се демаскираат сите актери на деспотијата во која со години живееме. Ако сакате, и не ќе беше добро целиот процес на заминување на груевизмот во македонската историја да одеше мазно, лесно и на начин што само најтесниот круг од фамилијата да одговараат за своите недела. Списокот на злодела е долг, соучесници има многу. На пример, цели ешалони во обвинителството и судството во Македонија – своевремено „реформирани“ од најдобрите другари на баба Нада, судиката Филимена и нејзиниот сопруг, последниот министер за правда во социјалистичка Македонија, Михајло Маневски – се меѓу најзначајните валкани играчи и кочничари на демократијата и правната држава во тимот на Груевски. Таа приказна не е завршена, бидејќи допрва нé очекуваат перипетиите во Уставниот суд, а да не ги ни спомнувам „обичните“ судови пред кои ќе завршат 30-40 обвинителни акти на Специјалното обвинителство.

Без нервоза, шините се поставени и, во ова наше долго патување во ноќта, македонската композиција конечно се придвижи во вистинска насока. Не јуриме со посакуваната брзина на модерните возови, ама локомотивата незапирливо граби напред. Секој ден изминуваме по уште некој „километар“ на патот кон востановувањето на правната држава и демократијата. Како што разбрав од кондуктерот, мислам дека следната станица се македонските медиуми…

Сашо Орданоски

Колумната е објавена во „Слободен печат“